БалканЕвропаИнтернационала

Грција: политички заклучоци од парламентарните избори на 7 јули – прв дел

Резултатите од грчките парламентарни избори што се одржаа на 7 јули, истакнаа два доминантни елементи: голема класна поларизација и консолидација на феноменот на широкораспространета гласачка апстиненција. Изразот на класната поларизација (и покрај добиениот извртен лик поради комплетната субмисивност на раководството на СИРИЗА кон капитализмот) беше очигледен во големиот пораст на гласовите за Нова Демократија (понатаму НД) и СИРИЗА, во однос на европските избори на 26 мај. Европските избори претходеа само 42 дена, а имаа исто ниво на учество од целокупното гласачко тело.

НД успеа да ги обедини социјалните сили на модерниот буржоаски политички камп во најголем можен степен под сегашните услови, добивајќи 378 274 гласови повеќе отколку на европските избори (+6.73 проценти). Во меѓувреме, СИРИЗА доби антидесничарски гласови од работничката класа и останатите сиромашни слоеви на општеството, покачувајќи ја својата поддршка за 437 579 (+7.75 проценти). Тоталниот удел во вкупниот процент на двете големи партии порасна од 56.24% на ЕУ изборите до 71.38% на овие избори, надминувајќи го и нивниот заеднички резултат на последните парламентарни избори во септември 2015 година (63.56%).

Апстиненцијата остана многу висока, за малку надминувајќи го и нивото на апстиненција на европските избори. Тогаш, апстиненцијата беше 41.31%, додека на 7 јули порасна на 42.08%. Ова е прв пат нивото на апстиненција на парламентарните избори да биде поголемо од нивото на апстиненција на претходните европски избори. Иако избирачките списоци не се скоро прочистени (што значи дека вистинската апстиненција е некаде 10%-15% пониска од онаа официјалната) и покрај фактот дека многу луѓе емигрираа од Грција во текот на последната деценија и не беа во земјата на денот на изборите, оваа висока апстиненција укажува на силното политичко разочарување во големи сектори на работничката класа и младината, кои беа деморализирани од кризата.

Помеѓу луѓето кои не гласаа (официјално 4 191 675 базирано на избирачкиот список, но поверојатно е да се работи за околу 2,5 милиони) има стотици илјади претежно млади луѓе кои беа разочарани и станаа пасивни заради предавството на гласот „НЕ“ на референдумот во 2015 година од страна на раководството на СИРИЗА. Како и да е, овие негласачи доаѓаат и од слоевите на работничката класа и сиромашните, кои не гледаат перспектива за брзо подобрување на нивните животи. Овие слоеви веќе започнаа да апстинираат од политичко учество пред кризата и сега само го зацрстија тој став. Овој вид на класна апстиненција најмногу ги погодува левичарските и работнички партии. Овој факт ја покажува неспособноста на тие партии да изградат врски со масите и да понудат решение за незадоволството кое масите го чувствуваат од кошмарната капиталистичка реалност.

Нема свртување кон десно – НД доби претежно буржоаски гласови

Како што беше очекувано, НД однесе победа и освои комфорно мнозинство, со 39.85% од гласовите, 2 251 411 гласови и 158 пратенички места. Како и да е, како што нагласивме во нашата анализа веднаш по исходот од европските избори, победата на НД не се должи на силна десна струја внатре во општеството. Попрво, тоа претставува повик за поддршка од социјалната база на буржоаскиот политички камп во најголема можна мера во овие сегашни околности. Против преоптимистичките предвидувања на буржоазијата за голем освоен процент од 40% и големо мнозинство од 165-170 места, ние предвидовме (ден пред европските избори) дека НД ќе биде блиску до бројот на гласови за опцијата „ДА“ на референдумот од јули 2015 година. Тоа всушност и се случи. НД освои само 6 000 гласови повеќе споредено со 2 245 537 што опцијата „ДА“ ги освои во 2015 година.

Побивајќи ги очекувањата на буржоазијата, но исто така и големиот песимизам на повеќето левичарски партии и организации – кои предвидуваа големи поместувања кон десно – НД (во согласност со излезните анкети и по внимателна споредба со резултатот од европските избори) го подигна својот удел во гласовите кои претежно доаѓаа од партиите на десниот центар и екстремната десница, кои се пак во процес на распаѓање. Тие зедоа само 67 000 гласови од СИРИЗА (5% од гласачите на СИРИЗА), околу 16 000 од ДиЕМ25 (партијата на Варуфакис) и околу 6 000 од гласовите на ККЕ (Комунистичка партија на Грција). Во исто време, околу 47 000 гласачи се поместија од НД кон СИРИЗА, правејќи ja нејзината нето добивка од левицата многу слаба. Всушност од гледна точка на крајниот резултат, тие се занемарливи.

Мицотакис и НД доби поради собирањето на десничарскиот глас, а не поради свртување кон десно
Мицотакис и НД доби поради собирањето на десничарскиот глас, а не поради свртување кон десно

Напротив, најголемиот дел од новите гласови на НД (останатите 280 000) дојдоа од „Унијата на Центристи“ (околу 50 000 согласно излезните анкети); најмногу десничарски гласови на ребрендираниот ПАСОК „КИНАЛ“ (околу 43 000) и од други десни и десно-центристички буржоаски формации кои учествуваа на европските избори, но не беа дел од парламентарните избори. Тука го вклучуваме ПОТАМИ (од кои НД зеде 22 000 гласови) ЛАОС (кои освоија 70 000 гласови на европските избори), „Новата десница“ (37 000 гласови на европските избори) АНЕЛ (45 000), „Граѓаните“ на И. Псинакис (51 000) и „Слободна Татковина“ (41 000).

Како што предвидовме, НД не успеа на привлече голем број гласачи на Златна Зора, ниту успеа да ја елиминира новата екстремно десна партија на Велопулос, како што предвидуваа буржоаските аналитичари. НД, согласно излезните анкети доби само 22 000 гласачи од Златна Зора, што е само 8% од гласачката база на неонацистичката партија. „Грчко Решение“ на Велопулос изгуби само 30 000 гласови споредено со европските избори, без НД да профитира од таа загуба. Овој факт само ја потврдува генералната оценка која ја дадовме веднаш по европските избори, дека изборната база на екстремната десница моментално е многу солидна. Таа се состои од неколку стотици илјади политички назадни, реакционерни и ситно-буржоаски гласови, некои од нив лумпенизирани или под директна закана од лумпенизација, кои во годините на капиталистичка криза одлучно раскинаа со традиционалниот буржоаски политички камп и не сакаат да му се вратат.

Класната композиција на гласовите на НД на 7 јули беше јасно доминантно буржоаска и ситнобуржоаска. Нејзината распространетост не се потпира на силна поддршка од работничките и сиромашните слоеви на луѓето. Ова беше јасно покажано во регионот Атика, каде НД беше прво пласирана во неговите две најголеми општини, Атина и Пиреја и во најголем дел од буржоаските општини на северот и југот од Вториот округ на Атина и од источниот округ на Атика.

Попрецизно кажано, НД освои висок процент на гласови во богатите и традиционално конзервативни општини Аја Параскеви, Маруси, Врилисија, Ираклио од Атика, Кифисија-Екали (83.74% во Екали и 62.72% во Кифисија), Ликовриси-Пефки, Папагу-Холаргос (65% во Папагу), Пендели, Филотеи-Психико (78.96% во Филотеи и 75.83% во Палео Психико) и Халандри. Исто така преовлада во јужните сектри и општини Алимос, Глифада, Дафни-Имитос, Елинико-Аргирупули, Зографу, Неа Смирни, Палео Фалиро и маргинално во општината Илиуполи. Нејзината победа беше исто така комплетна во првиот округ на Пиреја и сите острови во Арго-Саронскиот Залив, додека исто така преовлада во 11 од 13 општини од Источна Атика (Вари-Вула-Вулиагмени, Дионис, Кропија, Маратон, Маркопуло, Пејанија, Палини, Рафина-Пикерми, Сароникос, Спата-Артемида и Оропос).

Сѐ ова докажува дека било каква оценка за конзервативно и десно свртување на електоратот е сериозно погрешна. НД беше генерално изгласана од буржоаски и ситнобуржоаски социјални сили што беа собрани околу гласот „ДА“ во летото 2015 година. Нивниот класен противник, огромното мнозинство од социјалните сили позади гласот „НЕ“ (околу 3.5 милиони гласачи, одземајќи ги радикално десните) или наклонетите кон погрешната позиција на раководството на ККЕ за апстинирање (заб. на прев. се мисли на апстинирање од референдумот 2015), не гласаа за НД или за екстремната десница. Тие гласаа против десницата или за партии кои се сметат за леви (главно за СИРИЗА од причини коишто ќе ги објасниме) или апстинираа за да ја изразат политичката разочараност.

Всушност, НД под водство на Киријакос Мицотакис не успеа дури ни да го освои бројот на гласови кои партијата ги освои во 2009 година под водство на Караманлис, кога беше убедливо поразена од ПАСОК под водство на Папандреу. Поразената НД во тоа време доби 2 295 719 гласови, те. скоро 50 илјада гласови повеќе од победничката НД на изборите од 7 јули оваа година!

Новата влада на Киријакос Мицотакис неизбежно ќе лансира жестока офанзива којашто исто така ќе ги погоди и слоевите од средната класа што ја сочинуваат нејзината изборна база (и коишто веќе беа сериозно погодени од кризата) со цел да ги подигне капиталистичките профити во услови на нова неизбежна меѓународна рецесија. Првата реакција на Европската Комисија веднаш по изборот на новата влада беше потенцирање на итната потреба за исполнување на годишниот државен буџет, исклучувајќи ја можноста за било какви даночни олеснувања за ситната буржоазија ветени од страна на Мицотакис. Освен тоа, имплементирањето на реакционерната програма на новиот Премиер за трудови прашања (вклучувајќи и седум дневна работна недела), државни финансии (префрлање на државни резерви и вишоци во банките со нова докапитализација), здравство (де факто приватизација на болниците преку „партнерства со приватните здравствени центри за здравствени услуги“) и социјалната сигурност ќе ја направи новата влада омразена во општеството. Неизбежно, во следните години ќе се докаже дека победата од 7 јули е само мала епизода во големиот историски тек на тонење на НД, кој започна во 2009 година.

Уште повеќе, ние не треба да заборавиме дека високото ниво на апстиненција ја прави владата на Мицотакис уште помалку демократски легитимна. Мицотакис започнува од позиција на народна поддршка која е ограничена на општественото малцинство на гласот „ДА“ од референдумот во 2015 година. Овој факт, објективно создава негативен баланс на силите за неговата влада во општеството и покрај релативно комфорното парламентарно мнозинство. Овој баланс е основа, „сиров материјал“ за неизбежното одвивање во наредните години на масовни и интензивни класни и политички борби против владата на НД и нејзините политики.

Антидесничарските гласови се бенефит за СИРИЗА, а Ципрас прогласи ново свртување кон десно

СИРИЗА доби 31,53 отсто од уделот на гласови, 1 781 174 гласови вкупно и 86 пратенички места, и стана главниот добитник на силниот работнички и младински, антидесничарски глас. И ова се случи покрај слабата изборна кампања, во којшто раководството на СИРИЗА не вети ништо особено за работничката класа и сиромашните, освен дека ќе гарантира за „трошките“ што ги даваше изминатите месеци на екстремно осиромашените општествени слоеви од резервите создадени во годините на дивите мерки на штедење. Овој резултат е покрај изборната кампања во која се обидуваше да ја придобие „средната класа“ (која, на крајот, масовно гласаше за НД). Работниците и младината, следејќи ги своите сопствени мотиви и без тронка ентузијазам за владината политика што ја водеа, гласаше речиси исклучиво за СИРИЗА, само за да ја запре НД од доаѓањето на власт.

Вкупно, парламентарните избори (споредено со европските избори) поминаа со 459 165 гласови повеќе за партиите на левицата што влегоа во парламентот. Од нив, СИРИЗА го доби лавовскиот дел, добивајќи 437 579 нови гласови, а се забележа масовна поддршка од индустриските и посиромашните општини. Индикативни се резултатите за СИРИЗА во Атика. Таа е прва во работничките средини на северните делови на Вториот атински округ, како општините Галаци, Неа Јонија, Неа Филаделфија – Неа Халкидона и Метаморфози. Таа е прва во претежно работничките општини на западните делови на Вториот атински округ, односно Аја Варвара, Аји Анаргири-Каматеро, Егалео, Илион, Перистери, Петруполи и Хајдари. Доминираше и во сите работнички и посиромашни делови на јужниот дел од Вториот атински округ, општините Ајос Димитриос, Виронас, Кајсариани, Калитеа и Мосхато-Таврос.

СИРИЗА имаше бенефит од антидесничарските гласови, но Ципрас зборува за тоа партијата да сврти уште кон десно
СИРИЗА имаше бенефит од антидесничарските гласови, но Ципрас зборува за тоа партијата да сврти уште кон десно

Во работничката област на Вториот пирејски округ, СИРИЗА доминираше насекаде освен во Саламина, т.е. во општините Керацини-Драпецона, Коридалос, Никеа-Рендис и Перама. Конечно, во најсиромашните општини на Западниот атински округ т.е. општините на Аспропиргос, Елефсина и Фили, исто така беше на прво место. Помеѓу младината, од 17 до 24 години, таму каде НД водеше на европските избори, СИРИЗА излезе на врвот, со 38 отсто наспроти 30,4 на НД.

Како може да се објасни оваа појава? Како што претхоно спомнавме, не може да се сведе сѐ на ентузијазмот на десничарските политики на СИРИЗА. Работничката класа и младината гласаа во големо мнозинство со прогресивна, класна омраза спрема НД. Тие воопшто не ја земаа предвид програмата на СИРИЗА. Само два типа на луѓе можат да го опишат овој антидесничарски глас како знак за поддршка кон десничарската политика на поддршка на мемурандумите (за штедење) на Ципрас од страна на работничката класа и младина: секташите, кои секогаш гледаат злорадносно на овакви „свртувања кон десно“; и се разбира, на арогантното раководство на самата СИРИЗА.

Природно, гласот за СИРИЗА не е воопшто слободен од политичката конфузија и илузии. Без сомнение, СИРИЗА и НД не се две идентични партии. Тие имаа две различни општествени бази: СИРИЗА, работничката класа и прогресивните, а НД ситнобуржоаска и реакционерна база. Тие исто така имаа различни основачки идеолошки и политички позиции. Сепак, цврстиот став на раководството на СИРИЗА да се потчини на владејачката класа и да го управува грчкиот скапан капитализам ги присилува обете партии, кога се владини (а посебно во период на рецесија и криза) да ги применат истите реакционерни политики, па затоа и личат на „две капки вода“. Кога дојдоа на власт реформистите, решени да ја управуваат кризата на капитализмот, како што направија лидерите на СИРИЗА тогаш и посакуваат и повторно, немаше апстрактно идеолошко оправдување да ги спречи да постанат исти како и традиционално буржоаските политичари, спротивно на наивната верба на стотина илјада работници и младина, збркани од малите концесии во изминатиот период.

Но, тоа им го препуштаме на секташтите кои, наместо да ја разберат – нагласуваме, не да ја оправдаат или ја поддржат, но да ја разберат – оваа „наивна“ илузија, тие ја осудуваа политички работничката класа. Ние инсистираме на тоа дека последните кои треба да се обвинат за „наивност“ се работниците. Затоа што овие избори ќе беа сосема поинакви доколку, на пример, раководството на ККЕ изјавеше гласно дека, во својата политика и тактика, партијата не сака само да стане „силна опозиција“, но сака да го отвори патот за социјализам. Тогаш, на основа на алтернатива која има смисла, десетина илјади работници ќе ја „прекршеа“ изборната поддршка за СИРИЗА и ќе дадоа поддршка на ККЕ. Но кога таква политичка алтернатива нема на блискиот хоризонт на работничките маси, тогаш владее законот којшто се докажал повеќе пати низ целиот свет, дека работниците се ограничени да одлучат на основа на илузијата на „помало зло“ (односно, десниот реформизам). „Помалото зло“, како што покажа неодамнешната победа на НД постои не да се запре „поголемото зло“ туку само да го поплочи неговиот пат.

Иако ова делува како „софизам“, мора да нагласиме дека изборната победа на Мицотакис и НД беше „градена“ методично со политиката на раководството на СИРИЗА, посебно од јули 2015 и натаму. Првично, со предавството на гласот „Не“ на референдумот, тој го претвори главниот пораз на реакцијата во политички пораз за социјалните сили на револуцијата. Како такво, турна стотици илјадници луѓе во политичко разочарување и осигура почва за парализа на работничкото движење. Подоцна, со гласањето за меморандумот и неговото спроведување без отпор од парализираното работничко движење тие го ревитализираа буржоаскиот политички камп, којшто претходно беше заглибан во кризата. Единственото нешто што Кирјакос Мицотакис требаше да прави од 2016 година, кога го избраа за претседател на НД, беше да го држи овој камп заедно во плодните услови создадени од одлуките на водството на СИРИЗА и чекаат на изборите со цел да ја реинсталираат НД на власт. Во таа смисла, луѓето што придонесоа за изборната победа на НД не се К. Мицотакис и комп., но „харизматичниот“ Алексис Ципрас, неговата влада и раководството на СИРИЗА.

Милиони гласови на деморализирани од предавството на СИРИЗА за гласот „Не“ на референдумот во 2015, во кој ККЕ зазеде погрешна позиција на апстиненција
Милиони гласови на деморализирани од предавството на СИРИЗА за гласот „Не“ на референдумот во 2015, во кој ККЕ зазеде погрешна позиција на апстиненција

Сега, раководството на СИРИЗА повторно го покажа своето лица на груба, десничарска политика. Со експлоатација на масовното антидесничарско гласање што го доби од работничката класа и младината, а надуена со ароганција, се обидува да изнесе план за ново свртување кон десно на партијата. Така, Ципрас во првата изјава по изборите објави „трансформација на СИРИЗА во голема фракција, во модерно и масовно, демократско и левичарско, прогресивно движење.“

Позади овие обскурни зборови се следните цели:

  1. Ципрас сака да се откачи од каква било „лева“ опозиција што остана во партијата. За таа цел, тој сака да ги расчлени и удави и малкуте демократски процеси и структури кои опстанаа во поголемата политичка формација, во којашто неговите лични поддржувачи би доминирале на сите нивоа.
  2. Сака да ја направи партијата попријателска кон владејачката класа и капитализмот, докажувајќи на буржоазијата дека целосно ја прележал „детската болест на радикалната левица“. Главен инструмент на оваа цел ќе биде „проширување кон центарот“, односно, забрзана интеграција на буржоаските кариеристи од старото раководство на ПАСОК и од новото КИНАЛ. Обете се под контрола на буржоазијата; второто движење посебно – и кои секогаше се на работ на распад.

Новата „визија“ на Ципрас е за социјал-демократска партија под строга контрола на сопственото раководство, официјално и од сѐ срце поддржано од грчката владејачка класа и десничарската меѓународна социјалдемократија. Таква партија, сепак, нема прогресивна содржина. Тоа ќе биде изборен механизам да влезат кариеристите во парламентот и државата, каде нема место за барањата и активната интервенција на работничката класа и младина. Владината СИРИЗА веќе со политиките на мемораднумот се покажа за неспособна да изгради цврсти врски со синдикатите и масовните организации на работничката класа и младина. Партија каква Ципрас посакува да создаде нема да ја промени ситуацијата.

Најверојатно со новото свртување кон десно, СИРИЗА ќе се покаже целосно неспособна активно да се поврзе со масовните движење коишто ќе се јават против НД. Со свежото сеќавање за политиката на антиработничките меморандуми, таа во најдобар случај ќе успее да се поврзе со најпасивните и политички заостанати елементи на работничката класа и младина.

Политичката ароганција на Ципрас и неговите планови, коишто целосно не се совпаѓаат со духот на антидесничарскиот глас што нему му е даден од страна на изборната база на работничката класа на 7 јули, нема политички да помине неказнато. Ќе има тенденција на засилување на поддршка на партиите лево од СИРИЗА, што имаат претставници во парламентот, откако работничката класа и младина ќе заклучи за политичките причини за владата на НД, и низ искуството на новото масовно движење, во којшто СИРИЗА во најдобар случај ќе биде спор следбеник или хипокритички или демагошки парламентарен поддржувач. Од овој процес потребно е масовната комунистичка работничка партија на земјата, значи ККЕ, да излезе дефинитивно зајакната. Но, за да се случи тоа, мора да се коригираат под итно сериозните грешки во политиката и тактиката на партијата, што ја доведоа до сегашната неспособност значајно да го зголеми влијанието во масите работници и младина.

ККЕ: „расцепот“ со работничката класа и како да се надмине тоа

ККЕ добие 5,3 отсто и 299 592 гласа, и 15 места во парламентот, речиси идентично како и резултатот на европските избори, со мал губиток на 3 011 гласа. Повторно, од јуни 2012 година, партијата добива ист стабилен, но исто така и стагнантен изборен резултат. Таа продолжува да ја изведува својата изборна стабилност од историските корени на работничката класа, безуморнота активност на своите членови и јасното одбивање во последните три децении да се поддржи која било буржоаска влада. Но, истовремено, таа не покажува ни најмала тенденција за зголемување на влијанието, како што покажаа резултатите од 7 јули. А за оваа појава не може да се обвинува ниту „двопартискиот систем“ ни некоја друга, ненадминлива објективна пречка. Треба да се обвини раководството на ККЕ за повторените грешки.

Како активни изборни поддржувачи на оваа партија, членовите на Комунистичката тенденција можат да повторат дека, без да бидеме обвинети за малициозен критицизам, дека секташката тактика од 2010-2015 година, со кулминација на одбивањето учество во битката на работничката класа на референдумот во јули 2015 год. – нормално со револуционерна програма радикално различна од таа на владата на СИРИЗА – создаде голем „расцеп“ помеѓу партијата и пошироките работни маси. Задачата на ККЕ е, преку исцрпна дискусија, да ги коригира овие критични грешки.

За жал, првата јавна објава на раководството на ККЕ во врска со изборните резултати не се охрабрувачки. Тие тврдат дека „партијата ги преживеа Симплегадите на двопартискиот систем“ и дека забележале свртување кон десно кај електоратот. (заб. на прев. Симплегади се пар карпи, островчиња на Босфор коишто според грчката митологија се доближувале и ги смачкувале бродовите кога поминувале низ нив.) Што се однесува до „свртувањето кон десно“, ние веќе дадовме анализа со факти и аргументи. Што се однесува до „Симплегадите на двопартизмот“, ова го сметаме за оправдување од колосални размери.

Несомнено, кога силна буржоаска партија како НД учестува на избори и води на анкетите, а кога поголема партија од ККЕ со изборна база во работничката класа ѝ се противи, како СИРИЗА, работничката класа покажува тренд да застане за поголемата партија, инстиктивно да се избори за подобра позиција против партијата на класниот непријател. Сепак, изборната политика и тактика на партијата се предаде „без борба“ на овој тренд, наместо да следи соодветна линија да се олесни или заобиколи ова. Раководството избра погрешно да не зборува за централното прашање што ги засегнува работните маси – прашањето на власт – и наместо тоа го поставија прашањето за „силна опозиција“.

Наместо слогани и говори на лидерите на ККЕ да претствуваат партија која се бори за работничка влада со социјалистичка програма; и трпеливо да се објаснува решението и да ги повикуваа работниците на поддршка, Партијата „ја закопа“ својата програма за работничка социјалистичка власт (без преодни, капиталистички стадиуми), што коректно ги прифати на последните конгреси; и ја замени со изборна реторика што, директно или индиректно, испрати порака дека радикалната промена на власта и општеството е сѐ уште многу далеку.

ККЕ треба да ги согледа минатите грешки и да скова пат до масите со револуционерна програма
ККЕ треба да ги согледа минатите грешки и да скова пат до масите со револуционерна програма

На овој начин, и покрај намерите, ги направи владините политики на СИРИЗА за комбинирани мерки на штедење со ситни концесии на екстремно осиромашените да изгледа како единствено „реалистично решение“ во очите на пошироките работни маси и младина. Баш напротив, изборната кампања што се фокусира на прашањето на власт, се разбира дека не може (во дадените услови) да создаде изборни чуда, но можеше да привлече многу повеќе луѓе од авангардата на младите и работничката класа. Овие слоеви наместо тоа гласаа или за СИРИЗА или за ДИЕМ25 на Варуфакис.

Сепак, политичката ситуција пред 7 јули не падна од небо и беше обликувана од политиките и рактиките на ККЕ. За жал, исто така беше обликувана од сериозни секташки грешки, посебно за време на критчниот период 2010 -2015 година, пред сѐ од ставот на раководствот на ККЕ за време на референдуот и општиот став кон првите шест месеци навладата на СИРИЗА-АНЕЛ во 2015 година, со кој се создаде сегашниот „расцеп“ помеѓу партијата и пошироките работни маси.

Што треба да прави раководствот на ККЕ во овој одлучувачки период за работничката класа? Ајде да го одговориме ова прашање уште еднаш детално, со цел да не создадеме впечаток – како што злобно велат за нас оние со „секирче за дробење“ – дека сме тврделе дека ККЕ требало да ја поддржи владата на СИРИЗА-АНЕЛ или да учествува во неа.

ККЕ можеше да покаже дека нејзните политики не се рамнодушни кога е во прашање одлучното доаѓање на власт, што беше поставено од самиот работен народ со масовното гласање за СИРИЗА во јануари 2015 година. Требаше да му предложи на победникот на изборите глас на доверба за нивната влада, сѐ додека јасно и посветено работат на укинување на меморандумите, поништување на долгот и одбиваат владина соработка со буржоаски партии, каква е АНЕЛ. Исто времено, требаше да изјават дека целосно го задржуваат правото на остра, јавна критика за секоја отстапка на раководството на СИРИЗА од своите обврски. И над сѐ, во целото тоа време требаше да ја бранат и трпеливо да ја шират пред работниците револуционерната програма, да ја применат со најбрзо можно создавање на револуционерна, социјалистичка влада основана врз организираната работничка класа, како еднинствен излез од безизлезот создаден од кризата на капитализмот.

Речиси е извесно дека реформистичкото раководство на СИРИЗА ќе го одбиеше гласот на доверба од ККЕ под тие такви околности. Но тој потег на ККЕ ќе произведеше наплив на симпатии од милиони гласачи на СИРИЗА за својот напор да се реши ситуацијата врз основа на револуционерни принципи, а исто така навремено ќе се откриеше вистинското, не баш левичарско, лице на Ципрас и неговата екипа во раководството.

Врз основа на овие симпатии, во критичните моменти на референдумот во јули, раководството на ККЕ можеше да изгради неразрушливи врски со работниот народ и младината, само доколку активно учествуваа во движењето во корист на гласот „Не“, и цело време ја истакнуваа независната, револуционерна социјалистичка програма и постојано ги повикуваа народните маси да им веруваат на сопствените сили, а не на намерите на владата на СИРИЗА-АНЕЛ, што дури тогаш се обидуваше да најде начин да ги предаде нивните барања. Со таква ленинистичка тактика, ККЕ ќе излезеше како природна политичка алтернатива за работните маси и порано или подоцна владата на СИРИЗА-Анел ќе паднеше од својата левица, врз основа на масовното политичко движење предводено од ККЕ. Наместо тоа се усвои познатата неленинистичка, ултралевичарска тактика на „политичка Касандра“, која само предвидува и ги предупредува работните маси без ништо да направи. ККЕ одби да учестува во работничките борби да се реши прашањето на власта за своите интереси. Овие политики и тактика ги создадоа условите за сегашната изборна стагнација на ККЕ.

Да бидеме чесни: ако по сѐ ова има нешто што вреди да се восхитува, тоа не е силата на партијата против „Симплегадите на двопартизмот“ туку нејзината издржливост во очи на повторните секташки грешки на раководството. И за среќа, оваа издржливост е сѐ уште забележлива во голем број на индустриски области и нуди добра база за контранапад за да се развие влијанието на ККЕ во блиска иднина.

Така, во Атика, најголемата индустриска област во земјата, ККЕ е трета, надминувајќи го ПАСОК/КИНАЛ додека процените во општините со работничка класа се одржуваат секогаш повисоко во однос на националниот рпосек. И се разбира тука е неодамнешната голема победа на локалните избори во општината Патра (трет по големина град во Грција) во кој во вториот круг добие 70 отсто (!!!), што треба и мора да стане жив центар на непослушност и борба против новата влада на НД, којшто е способен да го засили влијание на ККЕ низ земјата.

Раководството на партијата во последните години играше позитивна улога во левичарското програмско свртување и е храбро во партиските одлуки за историските порази во минатото. Иако, за жал, овие промени беа поткопани со недостатокот на вистинска пролетерска- интернационалистичка позиција кон „националните прашања“ а посебно „грчко-турското“ и македонското прашање. И покрај тоа, тие се екстремно позитивни од историска перспектива.

Сепак, раководството мора да отвори поскоро, во целата партија и меѓу поддржувачите, искрена политичка дебата како да се поправат грешките што ја прават со стагнатно влијание, и да определи со кои политики ќе може да се придобијата работничките маси и младината на комунистичка програма. Круцијално е тоа да се случи сега, пред партијата да се соочи со масовното движење на работничката класа и младина и да ги повтори истите фатални грешки.

Ние, другарите од Комунистичката тенденција, сме секогаш подготвени да учествуваме во оваа неопходна дебата, и да се расправаме од позиција на активни поддржувачи на нејзините битки против буржоаскиот политички камп. А ние сме уверени дека таквата дебата ќе ја избрише секоја пристрасност којашто сѐ уште постои спрема вистинскиот троцкизам помеѓу партиските активисти, што пак произлегуваат од старата кампања на извитоперувања и клевети од сталинизмот, но исто така е резултат на политичкиот банкрот на разните опортунистички и секташки организации кои говореа, или тврдат дека говорат, во името на троцкизмот.

Автор Стаматис Карајанопулос – уредник на Епанастаси (Револуција) и Марксистики Фони („Марксистички глас“), 10 јули 2019

Прочитај повеќе: