ВестиЕкономијаМакедонија

Случај „Банк и Скот“ – македонско работничко секојдневие!

Синдикален протест (извор mkd.mk)

Нашата јавност беше потресена од најновиот случај на изживување со работничката мака на најпогодените и најпотценетите работнички – оние од текстилната индустрија. Имено, менаџментот на фабриката „Банк и Скот“ од Штип, одлучи да отпушти девет работнички поради тоа што не дошле на работа на државен празник  – Богородица, иако претходно имало известување дека на тој ден нема потреба да доаѓаат на работа, поради тоа што е верски празник.

Согласно законската процедура, во таков случај кога има потреба од работа на празник поради природата на производниот процес или обемот на работа, работодавачот е должен за тоа да го извести подрачниот трудов инспекторат. Во овој случај, не е разјаснето дали работодавачот ги презел потребните чекори кои ги налага Законот за работни односи. Уште повеќе, не постои нешто како „усен отказ“ од страна на работодавачот и истиот морало да им биде врачен на работниците во писмена форма.

Она што е побитно во овој случај се политичките и социоекономски аспекти што јасно се исцртуваат низ голготата на вработените во текстилната индустрија. Имено, со законот за минимална плата на најдиректен начин се потценува нивниот труд и ги става во непривилегирана положба од неговото носење во 2012 година. Додека минималната плата на ниво на цела држава моментално изнесува 10.080 денари, во текстилната, кожарската и чевларската индустрија таа изнесува 9.590 денари. Честите оправдувања што се користат за ова се дека финансискиот резултат во текстилната индустрија е неповолен (истата е прогласена за слабо профитабилна), дека работниците не поседуваат ниту значајни вештини, ниту некое посебно образование и слично. Но реалноста на животот во Република Македонија вели дека минималната потрошувачка кошница за едно четиричлено семејство изнесува околу 32.000 денари. Кога се користи терминот „минимална кошница“ се мисли на најосновните трошоци без кои е тешко да се преживее еден месец. Исполнувањето на оваа минимална кошница не гарантира дека семејството ќе има пристоен живот туку дека ќе може да ги задоволи најосновните месечни потреби. Ова доволно говори за неповолната социјална положба во која се наоѓаат многу луѓе вработени во оваа индустрија. Доколку во едно семејство од источна Македонија (каде текстилната индустрија е најраспространета) има двајца вработени во текстил и двајцата заработуваат минимална плата од 9.590 денари, тогаш вкупната семејна заработувачка изнесува нешто над 19.000 денари и истата е далеку од исполнување на потрошувачката кошница од 32.000 денари. Многу семејства во Македонија живеат под оваа граница и секојдневно ја искусуваат социјалната мизерија, со мали шанси за излез од истата во постоечките околности. А она што државата е должна да го обезбеди (особено ако милува да се нарекува социјална држава) е секое семејство да може да може да го исполни барем овој социјален минимум. Оттука борбата за минимална плата е нужност во општеството што не е засегнато со здравјето и животот на мнозинството. Работниците не треба да имаат доверба во државата, бидејќи како што досега се покажало, таа стои на страната на капиталот. Отстапките што државата ги прави, за минималецот и општо зголемување на човековите права се исклучиво за да се спречи поголем социјален бунт. Работниците мораат да се потпрат на сопствените сили, посеебно во земјите во развој кои немаат акумулација на богатство.

Веста што ја знаеме е дека работниците се товарат за сторена материјална финансиска штета во износ од околу 30 илјади евра. Сумата која газдата ја побарува како оштета од работниците отвора повеќе прашања, но прво јасно треба да видиме што газдата го натерало на овој чин. Испраќањето на писмото на нивна адреса покажува дека неговиот основен интерес е да ги замолчи, бидејќи доколку тој навистина сакал да биде обештетен, веднаш би поднел тужба, но тој тоа не го направил. Зошто газдата би сакал да ги замолчи работничките? Состојбата со работничките права и работните услови долго време е лоша, а работниците се свесни за тоа, а таа состојба веќе долго е неподнослива и се позачестени се појавите на разни начини на отпор и организирање. Газдата е свесен дека револтот нема да може уште долго да го контролира, па неговиот единствен излез е да се обиде да го угуши најжестоко што може, и оттаму ваков чекор. Ова е јасен израз на неговата свест дека робувањето во текстилната индустрија нема да биде вечно; тој ги согледува придвижувањата во класното освестување на работниците.

Второто прашање што се отвора е прашањето околу вредноста којашто работничкиот труд ја создава за еден ден. Ако газдата тврди дека со неработењето еден ден тој изгубил 3.295 евра, тоа значи дека тој и самиот признава дека работникот за еден ден создава исто толкава вредност, а зема надница од 8 евра (нецели 500 ден.) Ова ги побива тврдењата на газдите дека текстилната индустрија не е доволно продуктивна за да може да исплати повисоки плати на работниците. Трудот мора да биде вреднуван достоинствено!

Третото прашање што се отвора е смелоста на газдата да ги гази работниците на ваков начин? Од каде доаѓа оваа самоувереност да ги навредува оние врз чиј грб се богати? Логичкиот заклучок во однос на тоа колку овие работници со нивното работење (некои од нив и по петнаесет години) во фабриката и донеле заработка од 174.635 евра годишно по работник (3.295,00 – вредноста која самиот газда тврди дека работникот ја создава со неговото побарување) x 265 (работни дена во годината во просек) = 873.175,00 евра годишно, од кои претпоставуваме 20% се заработка (цената на производот се содава кога на трошоците за негово произведување им се додадат 20% за заработка = 174.635,00 евра), а тие добиле само 2.736 евра годишно (околу 14.000,00 ден. месечно кои и не се реално толку, но за да биде максимумот ја земаме оваа сума) = 228,00 евра x 12 месеци = 2.736,00. Кога вака стојат работите јасно е дека постои простор за пoдигнување на платите во текстилната индустрија иако газдите тврдат дека немаат доволно приходи за тоа.  

 

Задачата на ССМ и новото раковоство. Што да се прави?

Со промената на раководството и ставањето на крај на монархистичкото управување на екс лидерот Живко Митревски, се отвори нова надеж за ревитализирање на синдикалното движење во Македонија. Новото раководство мора да ја напушти бирократската комоција и да пружи секаква помош за загрозените работнички! Ова е особено важно заради придобивање на изгубената доверба, бидејќи многу од работниците се со право резигнирани во однос на ССМ и неговата децениска пракса на шурување со власта и крупниот капитал. Ова е одлична прилика зборовите да се преточат во дела и ССМ да покаже капацитет за изворно синдикално делување.

Постои можност работничките да не се членки на ССМ, но во овој контекст тоа не е важно, она што е важно е тоа дека ССМ и новото раководство теба да преземат одговорност како водство на работничката борба. Во согласност со тоа за ССМ не треба да е важно дали се тие членки туку дека тие се работничи чиј интерес ССМ го штити. Со ваков чин ССМ повторно би стекнал доверба кај работниците и би создал плодна почва за ревитализација на синдикалното движење.

Она што ССМ треба да го направи е да изврши притисок врз државата таа да застане на страна на работничките. Механизмот кој ССМ го има е штрајк за солидарност со работничките, но за почеток може ССМ да организира штрајк на предупредување (едночасовен прекин со работа) секаде каде ССМ има синдикални организации со цел да и даде на државата до знаење дека има намера да ги штити работничките. ССМ мора да се солидаризира со овие работнички, а тоа ќе ги отвори вратите за автентично синдикално организирање.

Паралелно на акциите на ССМ треба да се пресретне газдата во неговата намера и да му се спротивстави одлучно, а на работничките да им се даде сигурност дека нема да бидат ограбени. Тоа наједноставно би се направило со солидарна акција за собирање на средства за покривање на оштетата уште пред да се покрене спор. Сите оние кои во класната борба застануваат на страна на работниците мора да се организираат. Ваквиот чекор ќе го обесхрабри газдата бидејќи неговата акција нема да го има посакуваниот ефект т.е. задушување на отпорот. Ваква акција би ни помогнала на сите нас конечно да се солидаризираме едни со други и да се обединиме во нашата класна борба.

 

Политичките партии и нивниот однос кон трудот. Која е задачата на „Левица“ во овој контекст?

Треба да се разбере дека слично како и со синдикатите, така е и со политичките партии. Голем дел од работниците гледаат на политичките партии како бироа за вработување и за остварување на строго лични интереси. Голем дел од работниците немаат верба во традиционалните партиски структури поради многуте изневерни ветувања и имаат потполно право бидејќи традиционалните политички партии во Македонија ги споменуваат работниците само како декор на нивната „богата“ програма која наводно треба да задоволи сечии интереси и треба да ги убеди работниците дека имаат ист и заеднички интерес со работодавачите и дека нема никаков судир на интереси и конфликт помеѓу нив. Тоа е сосема очекувано, особено ако се земе предвид дека опстојувањето на овие партии во голема мера финансиски зависи од крупниот капитал. Поради тоа, илузорно е да се очекува дека овие партии би ги имале работниците во својот фокус и би поттикнувале развивање на меѓуработничка солидарност. Тие се обраќаат кон работниците како пред се` како кон „слободни граѓани“, со што се повлекува знак на равенство помеѓу некој што работи за минимална плата и некој што има капитал од неколку милиони евра. Политичката реалност во голема мера ги негира овие обиди на традиционалните политички партии во Македонија и ги запознава работниците со вистинската природа на социоекономските односи.

Левица е единствената политичка партија во Република Македонија што отворено го застапува интересот на работниците и притоа е свесна за класната природа на нашето општество. Левица е партија што во својата база и раководство и самата во најголем дел е составена од работници. Згора на тоа, таа во своите програмски документи, како и во својата политичка практика е ориентирана кон работниците и нивните секојдневни проблеми и потреби. Оттука, задачата на Левица е да понуди сеопфатна стратегија и анализа на политичкото и економско значење на секој изблик на работничка борба, како и да понуди политичка поддршка за секој протест, штрајк, или изворна работничка акција! Задачата на Левица е да помогнe во ширење на „добриот збор“ за сите овие акции и за мобилизирање на пошироката јавност, се со цел поттикнување на солидарност со работниците кои имаат потреба од истата. Во времиња кога судирот има потенцијал да се заострува, политичката одговорност е голема и треба со сите сили да се пристапи кон делување во оваа насока.

 

Кон класно обединување!

Многу работници во Македонија ја живеат реалноста на периферниот капитализам. Ниски плати, несигурни договори за вработување, прикриени работни односи, плаќање на црно и слично. Додека 35-те најбогати припадници на капиталистичката класа во Македонија поседуваат 4 милијарди евра (оваа сума е поголема од државниот буџет на Републиката)  најголемиот дел од работниците (околу 70%) земаат помала плата од просечната која изнесува околу 22.000 денари.

Борбата за обезбедување поголем дел од колачот за работниците, оди во директна спротиставеност со основната економоска законитост во капиталистичкото општество, максимизирање на профитот. Препознавањето на сопствениот интерес е клучно во борбата за детектирање на системските контрадикции, како би се избориле за подобра иднина за сите оние кои живеат од продажба на својот труд.

Мораме да разбереме дека борбата на деветте работнички не е нивна индивидуална борба, тоа е борба на сите нас кои живееме продавајќи го својот труд! Подобрувањето на работните услови е наш заеднички интерес затоа што, квалитетот на нашите животи зависи од подобрувањето на тие услови. Ако се уплашат работниците тоа би значело не само неподобрување на условите за работа туку и нивно влошување. Ова е наш заеднички интерес, наш на оние кои како општествен слој т.е. класа живееме од нашиот труд, наш на сите работници во оваа земја.

автор: Дејан Лутовски, Никола Славевски