Пресвртен момент за студентското движење (трет дел): Да се бара невозможното!

вака изгледаше Париз во мај 1968 година

вака изгледаше Париз во мај 1968 година

Ќе се обидам во третово, и последно, продолжение на анализата на студентското движење во Македонија да и дадам малку теоретско-идеолошки и општествен контекст, зашто од тоа зависи успехот на студентското движење. Сите три дела од оваа анализа може да функционираат посебно, но истовремено може да претставуваат и прилог за една идна стратегија на развојот на класната борба во Македонија.

Опозиција на системот

Има еден погрешен пристап во сфаќањето на студентското организирање во Македонија, кој остава сериозна трага на секој обид за покренување вакво движење – политичката неутралност. Ниту смее, а ниту може, едно сериозно студентско движење да си дозволи да биде политички неутрално, имајќи ги предвид потенцијалната моќ на студентската популација, но и политизираноста и инструментализацијата на универзитетите. Во такви услови и неутралната позиција е политичка позиција – позиција на поддршка на системот таков каков што е. Непреземањето акција – значи поддршка на статус кво ситуацијата. Тоа е само привид на неутралност, псевдонеутралност.

На кој начин универзитетите се инструментализирани и поради што не можеме да ги сметаме за неутрален фактор? повеќеВо многу од западните земји научната мисла и интелектуалната јавност е „купена“ со фактот дека нивната дејност, научна и политичка (во случајот со општествените науки социологијата, филозофијата и сл.), се финансира од страна на владата или од фондации под директна контрола на домашен или странски капиталистички естаблишмент. Тоа важи и за Македонија. Во такви услови е невозможен развој на здраво критичко мислење, уште помалку на формирање некаква спрега меѓу научната интелигенција и студентите, како опозиција на капиталистичката репресија, како опозиција на самиот систем. Апсолутно не е за изненадување фактот дека во земјава нема таканаречени „независни интелектуалци“.
Една од критиките упатени кон таканаречениот болоњски процес за унификација на студиите на европскиот континент се однесува токму на ова – овие реформи предизвикуваат назадување, деградација, на процесите на критичко мислење. А штом нема критичко мислење – нема ни опозиција.

Според тоа, една работа во обвинувањата на власта и нивните марионети во ССУКМ/СПУКМ беше точна – студентите во моментов имаат тенденција да делуваат опозиционо. Тоа е факт, но овој факт не е доволно разбран ниту од владејачкиот естаблишмент, ниту од СДСМ, ниту од пошироката јавност. Како такво, за жал, не го гледаат ни самите студенти.

Агенсот на промената

Студентското движење може да биде еден од клучните агенси на револуционерната промена. Тоа произлегува од фактот што самите студенти по природа се опозициски настроени, но не против одредени партии и сегменти внатре во системот, туку против самиот систем. Како што заклучи еден од главните теоретичари на славната студентска 1968 година, Херберт Маркузе, покрај маргинализираните групи како што се емигрантите и етничките малцинства, покрај одметнатата научно-технолошка интелигенција и уметниците, студентите се клучниот сегмент на новиот пролетеријат. Кастрирањето на студентското движење, со самото тоа, значи и кастрирање на една значајна потенцијална опасност по капиталистичкиот репресивен систем.

Имајќи предвид дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ, не се опозиција во оваа смисла, не е изненадувачки фактот што постоечките студентски организации, кои наизменично работат де за едната, де за другата партија, никако не се способни да играат улога на агенс на промената. Затоа е клучно, студентите да ја препознаат ССУКМ/СПУКМ како нивни непријател и да работат на нејзино расформирање, за да можат да отворат простор за слободната студентска иницијатива.

Затворени во системот

Секој обид за општествена промена, посебно ако е таа поширока, има неопходност од теоретско осмислување. Фактот дека студентските протести во моментов не се зафаќаат со поширока теоретска дебата околу својата улога во системот или спроти него, говори дека изгледите да се случат промени се многу мали. Доколку сака да постигне подолгорочни резултати (од, да речеме, ваучери за апсолвентите или подобри услови во студентските домови) лидерството на студентската авангарда мора да отиде понатаму од организациските прашања. Тоа мора да ги отвори некои од клучните теми поврзани со нивниот однос кон универзитетот, кон општеството и кон економскиот систем. Се додека не разбере дека, посебно кога станува за развиениот капиталистичкиот систем, овие прашања имаат далекусежни последици по сите аспекти на нивниот статус (прво, како студенти, потоа, како граѓани на ова општество), делувањето на студентската авангарда ќе остане затворено во дневнополитичките игри на партискиот естаблишмент. Без соодветно теоретско лидерство, студентите нема да може да погледнат надвор од затворениот круг на системот, нема да може да поставуваат прашања и теми кои ќе водат кон промена на тој систем.

Оваа дебата, за жал, во моментов не се случува. Најголема причина за тоа е недоволно изградената идеолошко-сознајна свест на студентската авангарда, што е уште еден аргумент во прилог на тврдењето дека во моментов прогресивните сили во Македонија имаат задача да работат на сериозно идеолошко-сознајно созревање меѓу пролетеријатот. Ваквата работа е неопходна и поради се понагласениот дефетизам, но и поради програмираниот сомнеж во секаква идеологија што упорно го форсира капиталистички ориентираното образование. Таквата појава не е одлика само на условите во земјава, туку е глобална појава.

Како што веќе напоменавме, симптом на овој недостаток на идеолошко-сознајна изграденост, е посегнувањето по легалистички решенија за решавање на проблемите кои произлегуваат од природата на системот. Фактот дека насекаде низ европските универзитетски центри студентите истакнуваат барања против овој систем, зборува дека е погрешен пристапот на македонската студентска авангарда да бара спроведување на реформи кои во Македонија ќе го инсталираат тој систем. Тоа ќе значи дека со таквото инсталирање, ќе бидат инсталирани и проблемите поради кои протестираат нивните европски колеги.

Исходи

Системот не може да ги реши прашањата кои произлегуваат од него самиот – освен ако себеси не се укине. Имајќи предвид дека ваквото самоукинување е далеку од здравиот разум, на студентите во моментов им претстои изнаоѓање стратегии за дејствување внатре во таквиот систем и методи на борба против него. Но, и до тоа треба да се дојде – дебатата за овие прашања не е ни отворена.

Студентите во таква ситуација треба да го истакнат слоганот „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“ што ќе значи правење на невозможното – трансформација на тој систем со средства изградени во него.

Меѓу најважните цели, покрај споменатото укинување на ССУКМ/СПУКМ, ќе биде изнаоѓање ефективни форми за развој на критичко мислење и за теоретска надградба – како што се споменатите културни центри (види го вториот дел од анализава), студентски медиуми и слично. Своја улога тука мора да изиграат и професорите, кои мора да сфатат дека од идеалот за автономија на универзитетите нема да има ништо се додека нема автономно студентско движење. За жал, студентското движење во моментов не би можело да очекува посериозна помош од прогресивните и револуционерни општествени сили, затоа што тие и самите се во очајна состојба. Само комбинацијата на овие неколку сегменти на неинституционализирана студентска иницијатива може да созададат здраво студентско движење.

Секако овие проекции тргнуваат од вербата во човечката тенденција да се живее активно и да се влијае на условите на тоа свое живеење. Во спротивно, бедата во која напредниот капитализам го вовлекува човекот ќе оди се понатаму од материјалната беда – кон беда на духот и кон репресија на свеста.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *