Избори 2011 – полиња на стравот

На овие избори работниците не излегуваат да гласаат за своите непријатели. Тие вршат притисок да не се оди кон помалото зло. Да не дозволиме да им дадеме право да владеат против нас во наше име.

од Нова искра
среда, 1 јуни 2011

ПАРЛАМЕНТ – За да дадеме добра дефиниција на Собранието мора да појдеме од неговата функција во нашето општество. Дрдорница. Тоа е фин збор за опис на парламентот. Некој бистар (првоодделенец да речеме) напамет научил дека во него пратениците донесуваат закони. И дека пратениците се избрани од граѓаните. Оние побистрите ќе кажат претставничка или репрезентативна демократија. Но, тука покажуваме дека поимите се побркани. Имено еднаш на 4 години или во овој случај и порано, одредени надструктури на општеството, политичките партии, земаат легитимност да владеат со државата само затоа што некако победиле на тајни избори. Тие политички партии се финансирани и одржувани од системот и имаат за цел да симулираат демократија, да симулираат слободно изјаснување и да симулираат различни интереси.

Понекогаш симулацијата има и елементи на реалност, но демократијата е право и спроведување на одлука кога одлучуваат луѓе слободни, без принуда, без страв, а со знаење, со достоинство и свесност за својата моќ. Македонија е нивната земја, поле на стравот, земја на мракот и земјата каде нашите одлуки не се спроведуваат бидејќи немаме моќ. Партиите отворено водат битка за преземање и изобличување на информациите. Тие создаваат поинаква реалност од вистинската. Голем дел од населението не гласа бидејќи одлучило да не им даде право на партиите да бидат нивни претставници. Работниците се разочарани од политиката на СДСМ и уште ја помнат приватизацијата која ја спроведе таа партија на чело со Бранко Црвенковски, со што беа доведени на питачки стап. Работниците ја помнат и другата опција – распродавањето на нашиот телеком, распродавањето на ОКТА, уништувањето на Југохром, Алуминка, проблемите со Македонските Железници и редица други успешни претпријатија. ВМРО-ДПМНЕ систематски удираше врз работничките права со измени на законите подучени од СДСМ. Тие продолжија побрзо од СДСМ кон патот на дивиот, либералниот капитализам. Ако СДСМ не успеа да го столчи работникот кон дното, тогаш сигурно е дека во тоа успеал ВМРО-ДПМНЕ. Или ќе се пожалиме на бруталноста на едните или на безмилосните од другата партија. Затоа, сè повеќе работниците не излегуваат на гласање. Сè повеќе има неважечки ливчиња, како нем крик на разгневените.

Сепак, системот оди понатаму. Се избираат пратеници, тие кои ќе владеат во власта и тие кои демек ќе го критикуваат владеењето. Дрдорат тие што се во опозиција да привлечат повеќе внимание обвинувајќи ја власта за вообичаено криминогените елементи, за недемократското владеење, на немањето отчет кон народот, за трошењето пари за своите тесно-партиски цели, или со други зборови за сè она што тие го правеле кога биле порано на власт. Оние од власта, ако се пообѕирни, се прават дека ги слушаат тие другите, ама најчесто сè се сведува на контра-офанизива од типот дека тоа била политиката на опозицијата во минатото, или дека сè уште не започнале со реформите поради многу лошата политика на претходниците. Во делумно право се двете: слично владеат, ама имаат ист мотив.

ДЕСНИЦА – Ако е десницата во прашање како во оваа собраниска галантерија, не ретко се случува да го обвинат бившиот систем поради бирократизираноста или апатијата на администрацијата, или наедноставно поради лошите мисли на комунистите. Во членството на партијата (онаа внатрешно-револуционерната, sic!) составено од елементи на лумпен пролетаријат, ситна буржоазија и роднини на главешините, во често расисти, ксенофоби, хомофоби и националисти, не ретко се обвинува УДБ од пред 40 години и српската служба како главна причина за нивниот неуспех. Вреди да се наспомене дека членството – внатрешно-револуционерно за единство, секој може да го препознае по својот насилнички изглед, простотлук и бескрајна омраза кон лицето БЦ. Лидерството не е такво, иако еден од нив е боксер аматер.

ВМРО-ДПМНЕ се роди при распадот на Југославија како партија на разнородни националисти, кои имаа голема визија за самостојна национална држава, а помала визија за омраза кон Србите, Албанците, муслиманите, комунистите, воопшто омраза кон другите. И на оваа мамка се нафати балгамот на општеството, секој влечејќи со својата омраза. Поради разнородноста, полека но сигурно од ова народно движење се одделуваа многумина, Основачите формираа нови партии со предзнакот вмро, како Голубовски, кој подоцна влезе во коалиција со СДСМ, Змејковски кој стана лут противник на екс-премиерот Георгиевски, Димовска, избркана од верниот лидер, за да на крај и стариот лидер војводата Георгиевски, излезе и основа друга партија. Сегашната ДПМНЕ ги исфрли од своите редови лудите глави, а заедно со нив и главите, и се претвори во вистинска европска партија бирократи со апарат на одлучување, перфектно строисани во вертикалната пирамида, платени активисти кои лепат плакати и шамари, и коректно избрани поединци кои треба да влеваат страв. Тоа е истата приказна за секое народно движење низ поновата историја на човештвото. Тоа мора да прерасне во буржоаска организација, доколку не ја преземат работниците и претворат во социјалистичка

 

 

УЛОГАТА НА ВМРО-ДПМНЕ – Од многуте детали, не може да се согледа целината. Која е историската улога на ВМРО-ДПМНЕ? Таа претставува израз на развојот на противречностите во македонската економија. Националистичките елементи се само маска на вистинските односи; вмро-дпмневците се подеднакво националисти како и есдеесем-овците. Распадот на бившиот систем на планска економија, поттикнат од внатрешната неспособност на работничката класа за продолжување на Револуцијата и надворешниот притисок на поразвиениот капитализам, ги извади од ѓубриштето на историјата старите демони: национализмот, омразата, егоизмот и етичкиот материјализам. На просторите на СФРЈ демоните се олицетворија во нови партии, кои ја продадоа идејата за спас на братските народи. Скапо ја платија цената. Илјадници убиени, раселени. Скршени детства, разрушени домови, уништени иднини. А зошто? За некои од елитата имаат базени, скапи мерцедеси, поседуваат свои приватни болници, а нивните деца учат во најквалитетни училишта. Идеологијата на национализмот е замена на бившата, комунистичката идеја дека ова е единствениот свет што го имаме, дека богатството на светот треба да се користи во заеднички цели и дека имаме обврска да го направиме подобро место за живеење, за нас и идните генерации. Идеологијата на национализмот е идеологија на капитализмот од секогаш, и сѐ додека тој постои овие сеништа ќе ги јадат душите на обесправените. ВМРО-ДПМНЕ беше и остана да биде партија која го шири национализмот, но бидејќи капитализмот во Македонија се промени, согласно на тоа и потребите на идеологијата се изменети, од агресивно-компулсивни (приватизација и примитивна акумулација на капитал) во пасивно-агресивни (стабилизирање и нормализирање на функциите на сметка на обесправената и безгласна работничка класа).

СДСМ – Ако ја погледнеме историјата на СДСМ ќе заклучиме дека таа наследила една битна црта од својата претходничка Сојузот на комунисти на Македонија – улогата на тампон-партија, партија која ги амортизира барањата на своето членство и воопшто работниците и преговара со газдите (сојузното раководство за време на СФРЈ или евро-американската повеќенаменска заедница), безидејна партија, која единствена цел за своето опстојување е посредничката улога. Според тоа, оваа партија се стреми да ги застапува интересите на поголемиот дел од работниците, само кога е во опозиција, а кога е на власт да им се наметне на синдикатите и со тоа да овозможи непречено функционирање на пазарната економија.

Слабоста на СДСМ доаѓа токму од оваа нејзина функција – таа нема да сака да ги внесе работниците во своите редови, како вистински членови, и нема да дозволи појава на лево крило во своите редови. Играјќи на картата на партија на интелектуалци и средна класа (т.е. побогати работници) и нудејќи некаков технократски излез, тие нема да успеат да ги привлечат работниците. Фатени во вештата стратегија на власта на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе си играат со нив како мачката со глувчето. Иако положбата на работниците под власта на ВМРО е уназадена во последните 5 години, работниците нема да се обединат под капата на СДСМ.

РЕШЕНИЕ – За да се создаде простор за решавање на проблемите треба и мора да се искористат средства што ги нуди буржоаската демократија. Проблемите мора да се изнесат во јавност преку механизмите на граѓанското општество, значи и Собранието, колку и тоа да е ограничено. Работниците мора да изберат свој претставник во дрдорницата, кој ќе присобере уште повеќе свои приврзаници, и ќе претставува вистинска опозиција на ВМРО-СДСМ и клоновите од албанскиот блок.

Вистински спас за Македонија нема, бидејќи спасот за богатите е да владеат и да ги експлоатираат работниците уште посурово, а спасот за работниците е да се престане со играта со нашите животи. Работниците имаат интерес посебен од интересот изразен во постојните партии. Тие немаат избор, и мора да создадат своја партија, која ќе претставува колективна свест во одбрана на елементарните права на живот, за пристојна работа, за заслужена пензија, за здравствено и социјално осигурување, за стан за себе и својата фамилија, за образование за себе и своето потомство.

Од тие причини на овие избори работниците не излегуваат да гласаат за своите непријатели. Тие вршат притисок да не се оди кон помалото зло. Да не дозволиме да им дадеме право да владеат против нас во наше име. Да создадеме ситуација да излеземе и да гласаме за наш човек.

НАШИОТ ПРИСТАП – Изборите ќе завршат и ќе победат тие. Ќе продолжат да донесуваат закони со караници или без нив, а ние ќе бидеме изземени од процесот на одлучување.

Нашата цел не ја ограничуваме на овие избори. Таа е долгорочна и затоа се подготвуваме непрекинато. Се обединуваме околу заедничка програма базирана на следното:

– за изградба на подобро општество врз социјалистички демократски принципи,

– за прекинување на послушната политика кон главните буржоаски партии,

– за укинување на националните угнетувања и борба против национализмот и верската нетолеранција,

– за поврзување на борбата со балканските и меѓународните демократски движења.

Работните луѓе во Македонија (работници, невработени, студенти) без оглед на својата етничка припадност имаат заеднички класен интерес, спротивен на оној на владејачките елити. Потребно е да се започне со создавање услови за формирање партија која ги застапува интересите на работничката класа, партија која нема да прави компромиси на штета на работникот и нема да биде под буржоаска и империјалистичка закрила и нема да им служи. Нова искра е мала група која го започна тој пат, кој е трнлив и непредвидлив, но е истрајна, со цврста волја и јасна визија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *