Зошто е важен Маркс?

Од многуте важни откритија со кои Маркс го впиша своето име во историјата на науката ќе истакнеме овде само две. Првото откритие е превратот што го изврши тој во целокупното сфаќање на светската историја. Сето досегашно сфаќање на историјата се засноваше врз претставата дека последните примероци на сите историски промени треба да се бараат во човечките идеи што се менуваат, а дека од сите историски промени, пак, се најважни политичките промени и дека тие владејат над целата историја. Но од каде на луѓето им доаѓаат идеите и што се движечките причини за политичките промени тоа не се прашуваше. Единствено кај поновата школа на француските, а делум и на англиските историчари се појавува убедување дека, барем од средниот век наваму, подвижна сила во европската историја е борбата на се поразвиената буржоазија против феудалното дворјанство за општествено и политичко господство. Маркс сега докажа дека целата досегашна историја е историја на класните борби, дека во сите тие разновидни и сложени политички борби се работи единствено за општествена и политичка власт на општествените класи, за одржување на власта од страна на постарите класи и за освојување на власта од страна на новите класи што се издигаат.Но, поради што настануваат и постојат тие класи? Поради дадените материјални, физички опипливи услови под кои општеството во дадено време произведува и разменува свои средства за живот. Феудалната власт на средниот век се засноваше врз самодоволното стопанство на малите селански општини кои сами ги произведуваа речиси сите предмети потребни за својата потрошувачка и каде што речиси немаше размена. Воинственото дворјанство им укажуваше заштита од надворешниот непријател и ги поврзуваше национално или, во најмала рака, политички; кога подоцна настанаа градовите, а заедно со нив посебната занаетчиска дејност и, најпрвин внатрешната, а потоа меѓународната трговија, се разви градската буржоазија и, во борбата со дворјанството, уште во средниот век таа си извојува место исто така на повластен сталеж во феудалниот поредок. Но со октривањето на воневропските земји, почнувајќи од половината на 15 век, буржоазијата доби многу поопсежна област за трговија, а со тоа и нов поттик за својата индустрија; занаетчиството во најважните гранки беше потиснато од страна на манифактурата, која веќе имаше фабрички карактер, а пак оваа ја потисна крупната индустрија, која стана моќна поради откритијата од минатиот век, особено поради откривањето на парната машина; крупната индустрија, пак, вршеше повратно дејство врз трговијата со тоа што во заостанатите земји го потиснуваше стариот рачен труд, а во поразвиените создаваше современи, нови сообраќајни средства: парни машини, железници, електрични телеграфи. Така буржоазијата се повеќе ги соединуваше во свои раце општествените богатства и општествената моќ, додека уште за долго време беше исклучена од политичката власт, која се наоѓаше во рацете на дворјанството и монархијата потпрени врз дворјанството. Но на одреден степен од развојот во Франција по Великата револуција буржоазијата ја освои и политичката власт и сега, од своја страна, стана владејачка класа во однос на пролетеријатот и на ситното селанство. Од тоа становиште наједноставно се објаснуваат сите историски појави т.е. ако доволно ја познаваме економската општествена положба на секоја дадена етапа (а тоа познавање, уште како, наполно им недостига на нашите историчари по струка); исто така едноставно се објаснуваат и претставите и идеите за секој историски период од економските услови за живот и од општествените и политичките односи на тој период, кои исто така се условени со екомските услови за живот. Историјата е првпат поставена врз своја вистинска основа. Очигледниот факт, кој досега воопшто не беше земан предвид, дека луѓето мораат пред се да јадат, да пијат, да живеат и да се облекуваат, значи дека мораат да работат, пред да можат да се борат за власт да се занимаваат со политика, религија, филозофија тој очигледен факт сега дојде најпосле до своето историско право. За социјалистичкиот поглед на светот ова ново сфаќање на историјата беше од мошне големо значење. Тоа покажа дека целата досегашна историја се движи во класни спротивности и во класни борби, дека секогаш имало владејачки и угнетени, експлоататоски и експлоатирани класи, и дека големото мнозинство луѓе биле секогаш осудени на тешка работа, а на малку уживање. А зошто така? Просто затоа што на сите поранешни степени од развојот на човештвото производството било се уште слабо развиено за да може историскиот развој да се врши само во таа антагонистичка форма, историскиот напредок главно и бил препуштен на дејноста на едно незначително, повластно малцинство, додека голема маса била осудена за одржување на својот живот да произведува скудни, а за повластените се пообилни средства. Но истово сфаќање на историјата, кое на овој начин природно и разумно ја објаснува класната владејачка, која инаку единствено би можело да се објасни сo човечка злоба доведува и до свеста за тоа дека, поради толку колосално зголемување на производните сили на денешницата, исчезнала и последната причина барем во најнапредните земји за поделба на луѓето на владејачи и угнетени, експлоататори и експлоатирани; дека владејачката крупна буржоазија ја одиграла својата историска улога, дека веќе не е дорасната до тоа да го раководи општеството и дека дури станала пречка за развој на производството, како што тоа го докажуваат трговските кризи, а особено индустријата во сите земји; дека историското водство преминало на пролетеријатот, на класата која по целокупната своја општествена положба може да се ослободи единствено така што ќе ја отстрани секоја класна владејачка, секое ропство и секоја експлоатација воопшто; и дека општествените производни сили кои толку пораснаа што буржоазијата не може веќе да ги управува, чекаат само над нив да завладее обединетиот пролетеријат, за да се создадат такви состојби во кои на секој член на општеството ќе му биде можно да учествува не само во производството, туку и во распределбата и управувањето на општественото богатство и кое, преку планска организација на целото производство, толку ќе ги зголеми општествените производни сили и нивниот принос што на секого ќе му биде осигурено задоволување на сите разумни потреби во се поголема мера. Второто важно марксово откритие е конечното објаснување на односите меѓу капиталот и трудот, со други зборови тој покажа како во рамките на денешново општество, во постојниот капиталистички начин на производство, се врши експлоатацијата на работникот од страна на капиталистот. Откако политичката економија ја постави тезата дека трудот е извор на целото богатство и на сите вредности, стана неизбежно ова прашање: како тоа се сложува со фактот дека наемниот работник не ја добива целата сума од вредноста што ја произвел со сопствен труд, туку еден дел од неа мора да му го дава на капиталистот? И буржоаските економисти и социјалисти се трудеа на ова прашање да дадат некој научно основан одговор, но попусто, додека најпосле не дојде Маркс со своето решение. Тоа решение е следново: денешниот капиталистички начин на производство има за претпоставка постоење на две општествени класи: од една страна капиталистите, кои располагаат со средствата за производство и за живот, а од друга на пролетерите, кои се лишени од тие средства и имаат една стока за продажба: својата работна сила; а таа своја работна сила мора да ја продаваат за да дојдат до средствата за живот. Но вредноста за една стока се одредува од општествено потребното количество труд што се содржи во производството, значи и во повторното производство на таа стока; според тоа, вредноста на работната сила на еден просечен човек за време на еден ден, месец, година се одредува со количеството труд што се содржи во масата средства за живот што се потребни за одржување на таа работна сила за време на еден ден, месец, година. Да претпоставиме дека за производството на работниковите животни средства за еден ден се потребни шест работни часа или, што е исто, дека трудот што е содржан во нив претставува количество труд од шест часа; тогаш вредноста на работната сила за еден ден ќе биде изразена во сума пари што исто така содржи шест работни часа. Да претпоставиме, натаму, дека капиталистот што го вработува нашиот работник му ја плаќа нему таа сума, значи полната вредност на неговата работна сила. Кога, следствено, работникот би работел за капиталистот шест часа на ден, тој наполно би му ги надоместил неговите трошоци шест часа труд за шест часа труд. Притоа, секако, капиталистот не би добил ништо, па затоа тој и го зема ова нешто сосема поинаку: јас, вели тој, работната сила на овој работник ја купив не за шест часа, туку за цел ден и, според тоа, тој го остава работникот да работи според условите, осум, десет, дванаесет, четиринаесет и повеќе часови, така што производот од седмиот, осмиот и наредните часови е производ на неплатен труд и оди право во џебот на капиталистот. Така работникот во служба на капиталистот не ја обновува само вредноста на својата работна сила што му ја плаќа капиталистот, туку тој произведува преку тоа и вишок на вредноста, кој најпрвин го присвојува капиталистот и кој потоа, во натамошниот тек и според одредени економски закони, се дели на целата капиталистичка класа и го создава оној основен фонд од кој потекнуваат земјишната рента, профитот, акумулацијата на капиталот, со еден збор сите богатства што ги трошат или трупаат неработните класи. Но, со тоа беше докажано дека стекнувањето богатство од страна на денешните капиталисти исто така се состои од присвојување на туѓиот, неплатен труд, како и стекнувањето богатство од страна на робовладетелците или феудалците, кои го eсксплоатираат трудот на крепосните селани, и дека сите тие облици на експлоатација се разликуваат единствено по начинот на кој се присвојува неплатениот труд. А со тоа беше извлечена и последната почва од под нозете на имотните класи со лицемерни фрази за тоа дека божем во денешното општествено уредување владеат право и правда, еднаквост на правата и должностите и општа хармонија на интересите, а денешното буржоаско општество е разобличено, исто онака како и поранешните општества, како грандиозна установа за експлоатација на огромно мнозинство народ од страна на незначително малцинство, кое станува се помало. Врз овие два важни факта се засновува модерниот научен социјализам. одломка од текстот „Карл Маркс“, напишан во јуни 1877 година Печатено во алманахот Volkskalender

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *