ВестиЛевица - партијаМакедонија

Расколот и шовинистичката дегенерација на „ЛЕВИЦА“ – втор дел

За десното скршнување во 2019 година

Другарката Џејлан Велиу, протест против аболицијата на политичари од Претседателот, 2016

Pročitajte tekst na srpskohrvatskom ovde

назад кон првиот дел

Расколот и шовинистичката дегенерација на „Левица“

Од моментот кога групата околу Димитар Апасиев ја приграби партијата „Левица“ во свој посед, започнаа со процесот на тотално менување на ликот и суштината на партијата, како и основите на кои истата почиваше и беше формирана. Групата ја презеде партијата со административни и бирократски методи, но јас би се осврнал на промените што дојдоа. Веднаш по февруари 2019 год. групата околу Апасиев ги избриша најактивните, но неподобните, локални ограноци, ги затвори нивните канцеларии и ги згасна сите програмски сектори, а како координатори постави послушни луѓе кои и до тогаш не беа членови на тие сектори и маргинализирање на многу членови од базата на Левица и формирање на фиктивни послушнички ограноци. Почнаа и да отвораат повеќе локални канцеларии со цел да се прикаже лажна масовност на партијата. Процесот на бирократска дегенерација е веќе завршен и Левица е псевдопартија која е само еден обичен додаток на македонскиот буржоаски плурализам. Опасното е што партијата на големо користи социјалистичка фразеологија и големи зборови, за да ја прикрие својата дегенерација и претворање во чиста спротивност на она што многу искрени борци го создаваа изминатите години.

Кон крајот на 2019 година партиските промени се крунисани со партискиот конгрес т.н. „Пленум“ на кој, видливо од фотографиите,  има максимум 50 делегати. Пред само година дена Централниот комитет на Левица броеше 45 члена, а чисто за компарација, бројот на активни членови на локалниот огранок во Куманово, кои редовно плаќаа членарина беше преку 20. Секако, делегатите на Конгресот (од кои дузината членови на нивниот централен комитет) не се избрани од членството. За датумот и содржината на конгресот постојните членови на Левица не беа известени. Локалните ограноци немаат дискутирано воопшто за статутарни промени или битни програмски промени.

Очекувано, партискиот Статут претрпе битни промени и возењето кон десно се согледува преку флоскулата дека партијата има идеологија на „лев патриотизам“. Големи се изгледите командниот антидемократски начин на одлучување да вроди со ваков тежок лапсус. Но, ако не е лапсус на писателот, тогаш остава простор за толкување. Се работи за промена на Статутот во членот 4, идеологија во која антинационализмот и антикапитализмот е заменет со нова фраза. Изгледа дека „другарите“ станале свесни дека возењето на патриотизам носи политички поени, па решиле да му дадат свој печат. Она што останува нејасно е како големите самопрогласени марксисти ја објаснуваат љубовта и посветеноста кон буржоаската држава и нејзините институции, бидејќи моментално не постои друга држава кон која можат да гаат патриотски чувства. Но, важно тоа можат да го продадат на политичкиот пазар. Или барем мислат дека можат. Извитоперувањето на поимот кој го користат сталинистите (марксистите-ленинисти) за социјалистички патриотизам или лев национализам те лев патриотизам, потекнува од периодот по смртта на Ленин, кога советската бирократија морала да докаже дека гради социјализам во една изолирана, назадна земја. Тогаш тие ја развиваа анти-Лениновата идеја за социјализам во една држава, а повикуваат на одбрана на татковината (Советскиот Сојуз) од капитализмот. Секако дека комунистите имаа за цел одбрана на СССР, но единствениот начин на одбрана на СССР како што историјата докажа, а Троцки предвиде, беше во политичка револуција и соборување на советската бирократија што ја задушуваше оваа работничка држава. Тоа не се случи и СССР беше уништена во контрареволуционерната акција во 1989-91. Политичката демагогија на актуелната псевдопартија за лев патриотизам, како одбрана на Република Македонија, нема врска со ниту една форма на некаква левичарска мисла, туку е обична либерално-граѓанска измама. Повикувањето на АСНОМ и неговата одбрана не смее да се сведе на флоскула за правниот позитивизам, туку акција за обединување на работничката класа против буржоаските институции и во крајна линија против Република Македонија како дете на контрареволуцијата и светскиот империјализам. Борбата мора да биде за Асномска, Социјалистичка Република Македонија во рамки на федеративна Југославија и Социјалистичка балканска федерација со полни демократски права на сите народи и народности!

Другарот Алек Атевиќ, говор на Првомајски протест на Левица, 2018

Сосема предвидливо, од кога сите неподобни елементи беа отстранети со помош на судските одлуки, веќе не постоеше пречка да се воведе нов орган, Претседател на партијата и да се забрани постоењето на фракции, поучени од претходното за нив „трауматично“ искуство. Се разбира, без противкандидат и без информација за тоа колку гласа се преброени, за прв (и веројатно доживотен) претседател на партијата е избран Димитар Апасиев. Во неговото несмасно објаснување, тој вели дека избираат претседател и ја централизираат партијата „за конечно да стават крај на фабрикуваните пучеви и фракционерско делување“. За волја на вистината единствена фракција која постоеше во Левица беше групата МО Црвени. Партијата имаше локални ограноци и централни органи односно раководство според тоа не беше хоризонтално поставена. Апасиев и неговата група беа тие кои не ги почитуваа заеднички донесените демократски одлуки на органите. Новиот Претседател е тој кој најмногу страда од индивидуализам додека се повикува на заедништво.

Во пригодното Пленумско обраќање на Апасиев насловено како „За новата популистичка левица“ (во статијава се користат цитати од овој говор – заб.), новиот Претседател го најави курсот и политичкото позиционирање на партијата со кое вреди да се позанимаваме. Не затоа што е скандалозно и одраз на ситното политичко профитерство туку да утврдиме јасно позиционирање на Марксистичката организација Црвени, како единствена комунистичка организација која остана на политичката арена во Македонија. 

Според ова обраќање, идејата за Левица почнала во 2015 година, кога Претседателот Апасиев вели дека „сфатиле оти енџио активизмот со Ленка не вродува со плод“ и „џабе се трошеле без да направат реална промена“. Какво епохално откритие! Ова резонирање е прво обезвреднувачко кон трудот на многу активисти кои се граделе себеси и граделе организации и движења, бидејќи создавањето на партија не е готов производ кој може да падне од небо. И тоа како е потребно теренско и политичко искуство и кадровски потенцијал, затоа и биле основани политичките организации на левицата. Левица беше кулминација на години и години политички активизам. Ова сфаќање на организираната левица само докажува дека Претседателот ги гледа организациите како за една употреба, се додека му ги остваруваат целите и интересите. Идејата за партија постои многу повеќе пред 2015 година, како што лажно се тврди во неговото обраќање. Се сеќавам дека уште во 2012 година во левицата постоеа дебата од потребата за изградба на партија. Обиди за работничка партија и помасовни социјалистички или комунистички партии постојат од осамостојувањето. Најголемиот успех во тоа, гледано површно преку освоени гласови, е Работничката партија која успеа во услови на прокалиталистичка хистерија и антиработничка националистичка идеолошка деканденција во 1994 година да освои 30 илјади гласа, што е тројно повеќе отколку обединетата Левица во 2016 год. (Владејачките партии ВМРО или СДСМ освојуваат по околу 450 илјади гласови на изборите. Вкупно на изборите гласаат 1,1 милион луѓе.) Изгледа дека пред 2015 година ова прашање не било приоритетно за тогашниот „енџионаш“ и веројатно не гледал личен бенефит од формирање на партија.

Таквото поимање на внатрепартиските судири како една обична теорија на заговор за „левичарење кое секогаш е проследено со пучеви проследени од медиуми финансирани од еден центар на Сорос“ е погрешно. Внатрепартиските судири се одраз на реални политички разлики и материјални интереси кои неминовно води кон избивање и искажување на различни политички тенденции, а доколку не се најде повисок интерес и до расцеп. Во тој случај, само како политичка кларификација за собирање на нови сили, расцепите се делотворни на работничкото движење.. Во историјата на Левица имало два вакви поголеми судири од политичка природа. Во неможност да се дадат основани и издржани аргументи околу политичката позадина и разлики, се прибегнува кон вакви морализирања за „инструирани пучеви“ и за т.н. големиот непријател. Притоа, претседателот бара „развод на левиот популизам од аполитичноста на Новата левица за која се залагаа довчерашните другари“. Она што е тешко сфатливо е дека „довчерашните другари“ се борат за различна политика од таа скриена под превезот на фразата „лев популизам“. Ние сме за политика базирана на доследен интернационализам и класна борба. Од таму и ја водевме битката против промената на уставното име, од таму и се залагаме за политика контра СДСМ и ДПМНЕ. Не е ова изрека без содржина – ова значи дека сме спротивставени на секоја прокапиталистичка политичка тенденција и сме на страната на зголемувањето и подобрувањето на животот на работниците. Мерките што ние ги предлагавме во Програмата и кои делумно се прифатени се водени од таа намера и идеја. Тоа, во никој случај не е аполитичност. Но, тоа се за нив „мувлосани и секташки надживеани концепти“. А што е суштината на нивната нова политика на т.н „лев популизам“? Дали тоа е нов концепт измислен од генијалецот или пак е добро позната испоробана тактика? Популизмот – тој збор на додворување на политичарот до народот. Популизмот, а таков на крајот испаѓа и „левиот“ ако е основа на организацијата, е се користи како мамка за работниците, а мерките што популистот ги ветил се заборават и се спроведува агендата на национализмот т.е. на националната буржоазија.

Станува јасно дека Левица е партија која капитулирала пред буржоаската идеологија. Имено, партијата се позиционира себеси како „младинска партија“ и „младинско движење“. Што значи ова? Кои идеи ги брани „младинската партија“? Чии класни интереси штити и на кои социјални групи се обраќа? Дали е доволно да бидете „перспективен млад човек“ за да ја градите новата популистичка левица? Нормално на овие прашања нема адекватен одговор бидејќи на ловците во матно им одговара работите да бидат нејасни. Станува јасно дистанцирањето од класната политика и од градењето на сојузи со работничката класа и нејзините синдикални организации. За работниците нема место во политиката на „новата популистичка левица“. Двете универзални одлики на политиката на оваа „младинска левица“ би биле „обраќањето кон Плебсот“ и „антиелитизмот“. Повторно, се избегнува јасната конекција со работничката класа и борбата за социјализам и се жонглира со општи и апстрактни термини. „Антиелитизмот“ е концепт кој е често користен и од многу десничари во намера истите да си го исперат образот и да направат дистинкција од „либералниот естаблишмент“ и да се претстават себеси како некаква алтернатива. На пример француската ултрадесничарка Марин Ле Пен или Доналд Трамп, додека не седна да тронот, се возат на антиелитизмот. Дотолку симптоматично, овде елитизмот се поврзува само со владејачката партија СДСМ (која е несомнено претставник на интересите на капиталистичката класа) што пак има своја употребна вредност на дневна политичка пресметка.

Она што е убедливно најскандалозно е одредувањето на политичките непријатели на новата популистичка левица. Тие се „анационалниот северномакедонски Социјалдемократски сојуз“, многу опасниот и милитантен „великоалбански национал-шовинизам“ и т.н. „ен-џи-о левичарење“. Треба да погледнеме од другата страна на дрскоста на авторот на овие мудрости и да ја одгатнеме суштината. За нас, МО Црвени принципиелен непријател е капиталистичкиот систем, како извор на кризи и конфликти и приватната сопственост над средствата за производство, акумулацијата на капитал преку нечовечна отуѓувачка експлоатација на работниците низ нашата земја и целиот свет, профитното управување и уништување на стопанството и природните богатства и компетицијата каде само посилниот добива се, со капиталистичката класа како негов репрезент. Затоа Црвени се борат против лагите на конзервативната и либерална идеологија како политички опиум на масите и идејната борба за социјализам. Од таму произлегува нашиот став за империјализмот. Тоа би требало да е политичкиот фокус на левицата, доколку навистина има смисла да се нарекува така. А што нуди популистичкава Левица? Ниту збор за тоа, дури ни против македонските олигарси и власта која се однесува компрадорски спрема работниците со безбројни имотни, даночни и други олеснувања кон странските инвеститори.

Линијата по која се напаѓа СДСМ е дека тие не се „вистински Македонци“ дека се „одродени“, за подоцна како декор да стои приканата за „класните непријатели“ која е приказна која новиот лидер ја има слушнато како лична исповед на мој близок другар и која бесрамно си ја прераскажува. Секако дека социјалистичката левица треба да го напаѓа СДСМ како претставник на капиталистичката класа и главен бранител на империјалистичките интереси и да го разобличува неговото владеење, но овде тоа се прави од десничарски позиции и со десничарски тон. Овде лидерот доста опортунистички остава простор за соработка со другите политички групации на капиталистичката класа и нив ги поштедува од  критика, заради можна идна соработка.

Трибина „Товарот на името“ на која беа говорници претставници од организации од Грција, а беше организирана од членови на МО „Црвени“ и партијата Левица, 2018

Уште една работа што би ги привлекла гласовите на средната класа заради изборната аритметика покрај декларираната омраза кон социјал-демократите, е потенцирање на загрозеноста на македонскиот идентитет и слабеење на македонската држава, како што буржоаските медиуми со години го верглаат. Секако, дежурен непријател се Албанците кои се т.н. „носители на великоалбанскиот шовинизам“. Но, претседателот на партијата Левица премолча дека Албанците во основа не бараат сецесија, туку покажаа солидарност на референдумот 2018 год со македонскиот народ пркосејќи им на сите албански партии. Тоа беше јасен знак на класен расцеп во албанското население, што само идеолошките заслепени македонски шовинисти можат да го игнорираат. Каква фундаментална разлика помеѓу овој социјалшовинистички „левичар“ и македонските комунисти и партизани! Опортунистите и шовинистите од редовите на аморфната, среднокласна левица, како што е Апасиев, подигаат националистички ѕидови и внесуваат поделба помеѓу македонските и албанските работници само за да се дограбат до излитените слоеви на ситни буржуи и улични националисти. Спроти таквата „левица“, комунистите прво и пред се се борат со национализмот во својата нација и на тој начин градат борбено единство на работните луѓе. Албанскиот народ мора да ги добие сите културни и јазички права и целиот простор за интеграција во нашето заедничко општество. Но, да се оствари целосна интеграција и национална рамноправност во капитализмот е утопија затоа што општествениот систем создава пазар на национализмот и ги прави националните поделби доходовна професија за еден цел слој неработници. Буржоаските партии, во Македонија, но и во светот, никогаш нема да ја остават приликата да го користат националното прашање како адут за измама на работниците и слабеење на нивната борба. За да се избориме со шовинизмот, мора да се избориме со капитализмот. Мораме да се избориме за комунизам.

Дефинитивно најпатетично во новата тактика на псевдопартијата е скицирањето на т.н „енџио левица“. Имено се работи за политички феномен кој практично кај нас не постои и е измислен. Конкретните невладини организации кои се овде на мета на напад не се воопшто левичарски организации, ниту па воопшто претендираат да го носат тој епитет. Моментално во Македонија не постои ниту една активна невладина организација која се декларира како левичарска. Се работи за организации од либералното политичко милје и е јасно дека тие организации имаат разлики со социјалистичката левица и не се нејзин истурен играч. Но овде повторно, нападот кон нив е обично морализирање во желба да се најде доволно „елитистички непријател“ кој би дал смисла на политичкото егзистирање на „новата популистичка левица“. Поради големата неспособност за анализа и за привлекување на членови на исправна основа, оваа „полулистичка“ левица мора да фабрикува конфликти со вакви измислени непријатели за себеси да се одржи во живот и да си даде смисла на сопственото постоење. Реториката против Сорос има само една цел – да присобере околу себе планина антиваксери, противници на науката и медицината, следбеници на теоријата на заговор и останати малограѓани кои не гледаат подалеку од својот ситен класен интерес.

Конечно, од се погоре изведено, ваквата „нова популистичка“ левица е само дегенерирана опортунистичка псевдопартија во посед на неколку луѓе. Нејзината судбина ќе биде одредена од интересите на големите играчи ако успее да преживее на сцената. Мобилизаторската улога на левицата, а тоа значи политизацијата на класната борба и освестување на вистинските барања на работниот народ, вклучувајќи ја тука и оваа група на псевдопартија во наредниот период ќе биде минимална. Во такви премрежија многу е битно да се создаде јасно дефинирано јадро на активисти со решителна програма за социјалистичка трансформација на општеството и во овој дел на Балканот. Ова јадро треба да се подготвува за водечка улога во идните настани и да биде орган на колективна меморија на класната борба. Задача на секој искрен социјалист, комунист е да го препознае тоа и да се бори за изградба на масовна револуционерна работничка партија. Нашата одговорност како МО Црвени е уште поголема, имајќи предвид дека први, и внатре во Левица и надвор од неа, водевме и водиме беспоштедна битка со овие опортунистички отпадоци. Не е првпат да се појават псевдокомунистички групи или партии кои служат за дискредитација на изворните социјалистички и комунистички идеи и принципи. Дискредитацијата и тоа како им е потребна на капиталистичките партии и политичкиот систем. Таквите псевдокомунистички групи неминовно самите ќе се одведат на ѓубриштето на историјата. Меѓутоа, идеите на револуционерното работничко движење не можат да се избришат со дискредитација на оваа или онаа опортунистичка клика. Тие живеат се додека работничката класа трпи под капитализмот. Нивниот опстанок е историска нужност и ќе се враќа повторно и повторно се додека капитализмот конечно не биде срушен, а комунистичката програма на живот за достоен човек не бидне стварност.

3 мај 2020, Д.Л. Марксистичка Организација „Црвени“

назад кон првиот дел Расколот и шовинистичката дегенерација на „Левица“

Референца: „ЗА НОВАТА ПОПУЛИСТИЧКА ЛЕВИЦА“ – Димитар Апасиев од Димитар Апасиев