БалканВестиМакедонијаОпшто

Факелот на борбата сè уште гори!

Први Мај е еден од оние денови кои останале во колективната класна свест и меморија на работниците ширум светот. Овој ден и денес служи како поттик за мобилизација и излевање на работничкото незадоволство од постојните услови за живот и од она што овој истрошен систем го нуди за милиони работници ширум светот. На овој ден милионите од сите краеви на светот ги преплавуваат улиците и истакнуваат слогани во кои се бараат повеќе права, поголеми плати, подобри услови за работа, слогани кои во својата суштина го проблематизираат и доведуваат во прашање системот кој веќе нема прогресивен потенцијал да ги обезбеди овие барања – капитализмот! Живееме во времиња кога концептот на социјална држава или т.н. „ со човечко лице“ веќе не може да ја замаскира вистинската природа на експлоататорскиот систем базиран врз задоволување на потребите на малото паразитско малцинство. Токму во овие времиња класната борба е разголена во очите на многу припадници на капитализам нашата класа и тие се соочени со едноставниот предизвик – или ќе се борат да го отфрлат системот што секојдневно ги угнетува или ќе продолжат да живеат во овој хорор без крај.

Пандемијата на КОВИД-19 која последните два месеци го тресе светот само ги изваде на површина сите валканици на пазарното стопанство базирано врз профит. Јавните здравствени системи колабираа во многу земји од јадрото на капитализмот и на површина излегоа сите погубни мерки и политики спроведувани во последните децении. Мерките на штедење и еродирање на јавното здравство за сметка на приватното, сега го земаат својот данок. Животот на многу работници е повторно жртвуван заради класниот интерес на една шака крупни капиталисти. Хроничната нестабилност на капитализмот е повторно разбудена од оваа здравствена криза, која се јавува како катализатор на кризата. Економиите се во слободен пад, рецесијата се чини неизбежна. Како и секогаш во историјата, така и овојпат се очекува работничката класа да биде таа која ќе ја плати цената на оваа криза. Додека лицемерно се заговара „чување на сопственото здравје“ и „здравјето е наш приоритет“ многумина вработени во неесенцијалните дејности секојдневно се изложени на ризик без соодветна заштитна опрема и мораат да работат дури и во вакви услови. Пензионерите, оние кои со години го граделе ова општество се оставени на милост и немилост како најризична и загрозена група. Пред наши очи се распаѓаат и најголемите илузии за просперитетот и стабилноста на развиените капиталистички земји. Владеачката класа останува повторно неспособна за соодветен одговор на оваа криза.

Но сепак, не смееме да се препуштиме на очајот и песимизмот. Први мај означува една борбена класна традиција на работничката класа која повторно го испушта крикот дека не е поразена. Илјадници диви штрајкови избиваат насекаде, а работниците го бараат она што им следува! Тие се спремни да одат подалеку од барањата на нивните бирократски синдикални раководства, кои ја издаваат борбата во клучни моменти. Но, храброста и пожртвуваноста не се доволни алатки кои можат да гарантираат успех во една политичка борба. Против себе имаме организиран и моќен непријател кој покрај огромни финансиски средства и механизми за репресија, поседува пропагандни алатки преку кои шири „своја вистина“. Ние мораме да бидеме организирани и подготвени, а главните алатки на нашата борба се синдикатите врз кои мора да си ја повратиме контролата како работници и работничка партија вооружена со социјалистичка програма и со кадри кои ќе можат да ја отелотворат истата таа програма во пракса. Марксизмот е нашето креативно орудие кое ќе нѝ помогне во трансформација на општеството. Нашата класа е исправена пред предизвикот како никогаш досега и мора да го даде вистинскиот одговор на вечната дилема – социјализам или варварство? Изградбата на социјализам е како никогаш во овие 30 години повторно на дневен ред и кај нас.

МО Црвени, како Југословенска организација на работници и студенти, ги гради своите капацитети и кај нас. Придружете нѝ се за заедно да ја водиме борбата за општа човечка и трудова еманципација!

ЗА РАБОТНИЧКА КОНТРОЛА ВРЗ СИНДИКАТИТЕ!

ЗА МАСОВНА РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА СО СОЦИЈАЛИСТИЧКА ПРОГРАМА!

ЗА БОРБЕН ПРВИ МАЈ!

МО Црвени, 30.04.2020 година

Приклучете се на Интернационалната марксистичка тенденција и борете се за социјализам за време на нашиот живот