БалканДемократијаМакедонија

Поддршка за Протест на гордоста!

На површина излезе сета хомофобија во македонското општество по најавата дека ќе се организира Парада на гордоста во Скопје на 29 јуни 2019 година. Изворот на оваа хомофобија, сфатена пред се како омраза на машките истополови врски, е во класниот систем во којшто понижувањето, угнетувањето и ендемската полициска бруталност е секојдневница. Класниот систем во кој живееме, капитализмот, го издигна буржоаското моногамно семејство како основна економска единица. Мажот-капиталист со неговата верна сопруга-сенка е носител на сопственоста над средствата за производство, што се наследува од нивното потомство. На тој начин се одржуваат општествените односи, т.е. капитал-односот преку легални механизми на пренос на приватната сопственост над фабриките, рудниците, банките, конзорциумите итн. Хомосексуалните односи на личности со висока емоционална зрелост и полно остварени како животно партнерство се директен атак на оваа стара буржоаска заедница и религиозниот морал што е алатка за одржување на владејачката структура. Луѓето со истополова сексуална ориентација не се увезени од „Западот“, не се плод на пропаганда како што тврдат десните теоретичари на заговор, но се дел од нашето општество, како во минатото, сегашноста, а никава сила, истребување, превоспитување нема да спречи геј и лезбејките да бидат дел и од идното општество. 

Симболично датумот за Парадата е избран да се совпадне со Побуната од Стоунвал, САД пред точно 50 години. Но, оваа херојска битка на народот е замаглена од многуте аполитички и комерцијализирани манифестации наречени Геј паради. Кога велиме аполитички или комерцијализирани мислиме на свесната тенденција придобивките од постојаниот притисок на геј заедницата да се маскираат од страна на властите и делови на капиталистичката класа и да ги прикажат како дел од нивната „борба“, дали преку финансиски „мрсна“ промоција на „Денот против хомофобијата“ или проектирање на виножито на фасадите на јавната администрација, а во истовреме да склучуваат договори со режими каде ЛГБТ припадниците се казнуваат со смрт или затворање. Ова не е само случај со американската поддршка на бруталната саудиска династија, туку и со лицемерните ЕУ бирократи со нивното слугување на реакционерни режими, како во Египет, каде има отворено мачење до убивање на хомосексуалци. На тој начин, ем се поткупуваат некои лгбт поединци и се приклонуваат кон  владејачката идеологија, посебно водачите на геј движењето, ем истовремено се инсталираат ксенофобични, антиработнички сентименти коишто се залагаат за мерките на штедење и друга политика на умртување на социјалниот конфликт. Давањето концесии од страна на буржоаскиот режим има и економска страна – геј луѓето се дел од пазарот, па компаниите посветуваат дел од своите маркетиншки трикови и на создавање на посебен геј пазарен сектор.

Розево перење (pinkwashing) – реклама на Нестле

Тука се истакнуваат не само туристичките дестинации со реклами со двајца заљубени мажи, туку и разговорите со мобилни на разнолики парови, во кои се вметнати и истополови. Секаде каде треба да се потрошат пари. Ова појава се нарекува розево перење (pinkwashing). Добар пример за тоа е рекламата на Нестле, каде ова водечка компанија за приватизирање на водените ресурси и брутална експлоатација на работниците и децата на плантажите на какао во Африка, користи геј маркетинг (виножито) и се претставува како борец за цивилни права. 

За нас, побуната во Стоунвал, поради кои следат геј парадите, претставува моментот кога незадоволството и бесот на ЛГБТ луѓето одлучно изби на површина. Искра била ноќта на 28 јуни 1969 години кога полицијата упаднала во геј бар за да изврши рација. Веднаш потоа, следеле спонтани улични протести во кои се вклучиле илјадници луѓе и истите траеле неколку дена. 

Овие настани биле катализатор за народна мобилизација во одбрана на геј правата. Наместо претходните дефанзивни ставови, се родиле борбени ставови за геј ослободување и борбен израз на гордоста. Раѓањето на геј ослободителното движење е дел од општото свртување кон лево и поврзано со класната борба во 1960те и 1970те. Последните педесет години се извојувани многу победи како резултат на масовната народна мобилизација, солидарноста и притисокот од долу. Сведоци сме дури и во Македонија на поместување на јавното мислење, посебно младината.  

Стоунвал, 1969

Револтот на оваа голема маргинализирана група е оправдан, а Парадата на гордоста во Македонија претставува крик на една група на луѓе што е силно угнетувана во сегашното општество. Работничката класа мора да биде обединета и солидарна и по ова прашање, како и по прашањето на угнетувањето на жените, етничките и националните малцинства. Тоа значи за успех на поединците со поинаква сексуална ориентација од мнозинската неопходна е интеграција со борбите за родова рамноправност во рамки на работничкото движење. Либерализмот не може успешно да ги разреши овие прашања, а посебно не во земји на периферијата на капитализмот. Трошките на придобивки за маргинализираните групи може во секој момент да се изгубат од растечката политичка ксенофобична, расистичка десница и неспособната социјалдемократија. Доследни на автентичните болшевички револуционерни традиции коишто ја декриминализираат хомосексуалноста во првата работничка држава уште во 1917 година, (види Болшевичка декриминализација на хомосексуалноста – намерно или бил направен превид?) Марксистичката Организација „Црвени“ ја поддржува борбата на ЛГБТ луѓето за полни демократски и цивилни права. ЛГБТ се угнетени токму од истиот систем затоа што најголем број од нив се дел од работничката класа, наши другари и соборци. Интересот на работничката класа е да застане рамо до рамо до своите ЛГБТ другари и да ги поддржи нивните барања да бидат достоинствено третирани. 

Но, дури и да имаме граѓански права, нив не може да ги употребиме ако немаме соодветно платени работни места, квалитетно слободно образование и достапно домување. Нема да имаме никаква придобивка со правото на брак, што е наше барање, ако немаме пристап до вистинска здравствена заштита за себе и саканите. Каков е тој заеднички живот со саканиот, ако целото време и енергија ги посветуваме за газдите, а врзуваме крај со крај и повторно сме заглавени во долгови со својот партнер кога ќе се вратиме дома.
Кога ќе се вратиме на реалниот живот сфаќаме дека самата ЛГБТ заедница е класно поделена со различни и спротивставени интереси. Зависно од припадноста на класата, се разликува и квалитетот на животите. Кај нас, најголемиот дел од припадниците на оваа група се работници, многу од нив невработени или прекарни.
Марксистите се борат за укинување на сите облици на угнетување и експлоатација, а не да се воспостави капиталистички режим со еднаквост или рамноправност во угнетувањето за геј или стрејт луѓето! Затоа за нас ова е класно прашање што бара класно разрешување. Напредокот за ЛГБТ движењето е можен само со органско поврзување со најширокото работничко движење, каде водство треба да имаат работничките организации. Само така можеме да се избориме за подобри работни места и плати, здравство и образование.

Алек Атевиќ, Дејан Лутовски, Никола Славевски, 27 јуни 2019