ЕвропаЕкономијаИнтернационалаТеорија

2016: Смртта на либерализмот

Годината 2016 заврши со два драматични и крвави настани: атентатот врз рускиот амбасадор во Истанбул и бруталното убиство на луѓе во Берлин кои мирно уживале во божиќните подготовки. Овие настани се поврзани со крвавото мочуриште на Блискиот исток, а поточно Сирија.
Падот на Халеп претставува пресвртница во ситуацијата. Русија, којашто требаше да биде изолирана и понижена од „меѓународната заедница“ (читај Вашингтон) сега ја контролира Сирија и одлучува што ќе се слушива таму. Повика на мировна конференција во Казахстан, на која не беа повикани Американците или Европејците, со договор за примирје диктирано по руски барања.

На различни начини овој развој го изразуваат истиот феномен: стариот светски поредок е мртов и на негово место сме соочени со иднина на нестабилност и конфликт, чии исход никој не може да го предвиди. Годината 2016 затоа претставува точка на пресврт во историјата. Тоа беше година означена од кризата и турбуленцијата во светски размери.
Пред дваесет и пет години бранителите на капитализмот беа во еуфорија со падот на Советскиот Сојуз. Тие зборуваа за смртта на социјализмот и комунизмот, па дури и за крајот на историјата. Тие ветуваа иднина на мир и просперитет поради триумфот на економијата на слободен пазар и демократија.
Либерализмот триумфираше и затоа историјата го достигна својот конечен израз во капитализмот. Тоа беше есенцијалното значење на сега прочуената фраза на Францис Фукујама. Но, сега тркалото на историјата се заврти. Денес не остана ниту еден камен на овие уверливи предвидувања на стратезите на капиталот. Историјата се врати со одмазда.
Одненадеж светот изгледа дека е зафатен со чуден и незапомнет феномен што им пркоси на сите обиди на политичките експерти да го објаснат. На 23 јуни народот на Британија гласаше на референдум за нашуштање на Европската унија – резултат што никој не го очекување, а предизвика бран на шок во интернационални размери. Но, тоа не е ништо во однос на цунамито провоцирано со претседателските избори во САД – резултат што никој не го очекуваше, освен човекот што победи.
За неколку часови по изборот на Доналд Трапм, улиците на градовите ширум САД беа исполнети со демонстранти. Овие настани се драматична потврда на нестабилноста што го зафати целиот свет. Преку ноќ старата сигурност исчезна. Постои општа ферментација во општеството и осет за распространета несигурност што ја исполнува владејачката класа и своите идеологии со лошо претчувство.
Аполозите на капиталистичкиот либерализам горко се жалат за подемот на политичари како Доналд Трамп, кои претставуваат антитеза на тоа што тие го викаат „либерални вредности“. За овие луѓе 2016 изгледа како кошмар.Се надеваат дека ќе се разбудат и дека ова е само сон, дека вчера ќе се врати, а утре ќе биде подобар ден. Но за буржоаскиот либерализам нема повторно будење и нема утре.
Политичките коментатори со ужас зборуваат за подемот на, тоа што тие го нарекуваат, „популизам“, збор што е толку еластичен што е бесмислен. Употребата на таква аморфна терминологија само означува дека тие што ја користат немаат идеја за тоа што го зборуваат. Во строгите етимолошки поими популизам е латински превод на грчкиот демагогија. Поимот се применува со истиот жар како што лошиот сликар шлака дебел слој на боја да ги покрие своите грешки. Се користи да опише толкав широк спектар на политички појави што постана потполно празен од кое било значење.
Лидерите на Подемос и Герт Вилдерс, Јарослав Качински и Ево Моралес, Родриго Дутерте и Уго Чавез, Џереми Корбин и Марин Ле Пен – сите се премачкани со катранот на популистичката четка. Доволно е само да се спореди вистинската содржина на овие движења што не само што се различни, но се радикално антагонистички за да се сфати крајната бескорисност на таквиот јазик. Не е пресметано да појасни туку да замати, или поточно да ја прикри конфузноста на глупавите политички коментатори.

Смртта на либерализмот

Во својот уреднички вовед на 24 декември 2016 Ди Економист ја пееше химната на величање на саканиот либерализам. Либералите, така ни велат тие, веруваат во „отворени економии и отворени општества, каде се охрабрува слободната размена на добра, капитал, луѓе и идеи и каде се заштитени универзалните слободи од државната злоупотреба со владеење на право“. Таква убава слика мора да се опее.
Ама статијата жално заклучува дека 2016 „беше година на отстапки. Не само за Брегзит и изборот на Доналд Трамп, туку и трагедијата во Сирија, напуштана во своето патење и широката поддршка – во Унгарија, Полска и подалеку – за ‘илибералната демократија’. Како што глобализацијата е оцрнета, процветува национализмот, па дури и авторитаризмот. Во Турција утехата од пропаста на пучот се презеде со дивјачки (и популарни) одмазди. На Филипини, гласачите избраа претседател, кој не само што употреби одреди на смртта туку се дуе со тоа што го тргнал орозот. А Русија, која ја хакираше Западната демократија, и Кина, која мината седмица ја прогонуваше Америка со запленување на еден од нејзините поморски дронови, инсистираат дека илиберализмот е само маска за Западниот експанзионизам.“

Прекрасната химна на воспевање на либерализмот и Западните вредности заврши со кисела нота. Ди Економист заклучува горчливо „Соочени со оваа литанија, многу либерали (од видот на слободен пазар) ги скинаа нервите. Некои напишаа епитафи за либералниот поредок и предупредуваа за загрозеноста на демократијата. Други, пак, тврдат дека со срамежливо дотерување на законот за имиграција или дополнителна тарифа, животот ќе се врати во нормала“. (цитати од The Economist)
Но, животот нема да се „врати во нормала“ – или поточно, влегуваме во нова етапа на она што Ди Економист го нарекува „нова нормалност“: Период на бескрајни кратења, мерки на штедење и пад на животниот стандард. Во стварност, ние и живееме подолго време во оваа нова нормалност. А од ова следат многу сериозни последици.
Глобалната криза на капитализмот создаде услови што се сосема поинакви од условите што постоеја (барем во шака привилегирани земји) четири декади по Втората светска војна. Тој период е сведок на најголемиот раст на продуктивните сили на капитализмот по Индустриската револуција. Тоа беше почвата на која можеа да процветаат фалените „либерални вредности“. Економскиот бум им овозможи на капиталистите доволно профити за да дадат концесии на работничката класа.
Тоа е златното доба на реформизмот. Но денешното време не е ера на реформи туку на контрареформи. Тоа не е резултат на идеолошки предрасуди, како што некои смешни реформисти си замислуваат. Тоа е нужна последица од кризата на капиталистичкиот систем што ги достигна своите ограничувања. Целиот процес што се спроведување шест декади сега е фрлен во обратна насока.
Наместо реформи и подигање на животниот стандард, работничката класа насекаде е соочена со кратење, мерки на штедење, невработеност и осиромашување. Деградацијата на работните услови, плати, права и пензии најтешко им паѓа на најсиромашните и најранливите слоеви во општеството. Идејата за еднаквост за жените еродира со безмилосната потреба за зголемена профитабилност. Цела генерација на млади луѓе е лишена од иднина. Тоа е суштината на сегашниот период.

Кога елитата е Марија Антоанета

На владејачката класа и нејзините стратези им е тешко да ја прифатат реалноста на сегашната состојба и се комплетно слепи за политичките последици кои следат од неа. Истото слепило може да се набљудува кај секоја владејачка класа што се соочува со истребување и одбива да го прифати. Како што Ленин точно забележал, човек кој стои на работ на бездната не размислува рационално.
Фајненшл Тајмс објави интересно интервју на Волфганг Минхау со наслов „Кога елитата е Марија Антоанета“. Започнува вака:

„Некои револуции можеа да се избегнат само ако старата гарда се воздржеше од провокација. Не постои доказ за инцидентот со „нека јадат торта“, но тоа е нешто што Марија Антоанета би го рекла. Одекнува вистинито. Не е тешко Бурбоните да се замислат како типичен естаблишмент без допир со реалноста.
„Тие сега имаат конкуренција.
„Нашиот глобален либерал-демократски естаблишмент се однесува на истиот начин. Во моментот кога Британија гласаше излез од ЕУ, кога Доналд Трамп беше избран за претседател, кога Марин Ле Пен маршира кон Елисејската палата, ние – чуварите на глобалниот либерален поредок – продолжуваме да го ослабуваме.“

Споредбата со Француската револуција е многу поучна. Насекаде владејачката класа и нејзините „експерти“ покажаа дека без осет за реалната состојба во општеството. Тие претпоставуваат дека поредокот што произлезе од повоениот економски бум ќе продолжи вечно. Пазарната економија и буржоаската „демократија“ се неприкосновени парадигми на епохата.
Нивното самодоволно самозадоволување токму наликува на несреќната Марија Антоанета, Кралицата на Франција. Во никој случај не е потврдено дека нејзината позната фраза била изговорена, но го рефлектира менталитетот на дегенерираната владејачка класа без интерес за страдањето на обичните луѓе ниту за неизбежните последици што произлегуваат од тоа.
На крајот Марија Антоанета ја изгуби главата, а сега владеачката класа и нејзините претставници ги губат нивните. Статијата на Фајненшл Тајмс продолжува:

„Зошто се случува ова? Макроекономистите мислеа дека никој нема да се осмели да го предизвика нивниот авторитет. Италијанските политичари ќе си играат игри на моќта вечно. И работата на европските службеници е да изнаоѓаат генијални начини да вдахнуваат политички незгодни закони и договори заобиколувајќи ја националната легислатива. Дури и кога некој како г-ѓица Ле Пен, г-дин Грило и Герт Вилдерс од крајно десничарската данска Партија на слободата се приближува кон позиција на власт, естаблишментот продолжува да се однесува на истиот начин. Еден Регент на Бурбоните би отстапил во некарактеристичен миг на рефлексија. Нашиoт либералeн капиталистички поредок, со своите конкурентски институции, е уставно неспособeн да го направи тоа. Двојно намалување е она за што е програмиран.

„Правилната насока во која би требало да се делува би била да се прекине со навредувањето на гласачите и, многу поважно, да се решат проблемите на финансискиот сектор, што е надвор од контрола, неконтролираниот проток на луѓе и капитал и нееднаквата дистрибуција на богатството. Во еврозоната, политичкото водство најде за целисходно да се овековечи преку банкарската криза, а потоа и должничката криза – само за да разбере дека грчкиот долг е неодржлив и италијанскиот банкарски систем е во сериозна неволја. Осум години подоцна, сѐ уште има инвеститори кои се обложуваат на колапс на еврозоната каква што ја знаеме.“

Во 1938 Троцки напиша дека владејачката класа ита кон катастрофа со затворени очи. Горе напишаното е графичка илустрација на овој факт. А г. Минхау го заклучува следното:

„Но тоа не се случува поради истата причина поради која не се случило за време на Француската револуција. Чуварите на западниот капитализам, како Бурбоните пред нив, не научиле ништо и не заборавиле ништо.“

Пропаста на центарот

Спротивно од старите предрасуди на либералите, човечката свест не е прогресивна туку исконски конзервативна. Најголемиот дел од луѓето не сака промени. Тие се држат цврсто до старите идеи, предрасуди, религија и морал бидејќи тие се познати, а тоа што е познато е секогаш покомфорно од тоа што не е. Идејата за промена е застрашувачка, бидејќи тоа што би дошло е непознато. Овие стравови се длабоко вкоренети во човечката психа и постоеле од памтивек.
Но, промената е неопходна за опстанокот на човечката раса исто како и за опстанокот на индивидуата. Недостатокот на промена е смрт. Човечкото тело постојано се менува од моментот на раѓање, сите клетки се делат, умираат и се заменуваат со нови. Детето мора да исчезне за да може возрасниот да се роди.
Но, не е тешко да се разбере човечката одбивност кон промена. Навика, рутина, традиција – сето ова е потребно за одржување на општествените норми кои го одржуваат функционирањето на општеството. Низ долг временски период тие стануваат закоравени, условувајќи ги дневните активности на милиони жени и мажи. Тие се универзално прифатени, како почитта за законите и обичаите, правилата на политичкиот живот и постоечките институции: со еден збор, статус кво.
Нешто слично постои и во науката. Во својата суштински длабока студија „Структурата на научните револуции“ Томас С. Кун објаснува како секој период во развојот на науката е основан на постоечка парадигма која е општо прифатена, давајќи ја потребната рамка за научната работа. Долго време таа парадигма е корисна. Но случајно мала, очигледно незначајна контрадикција се појавува која евентуално води до пропаст на старата и заменување со нова парадигма. Ова, според Кун, ја дава суштината на научната револуција.
Баш истиот дијалектички процес се случува во општеството. Идеите кои постоеле толку долго што се зацврстиле како предрасуди евентуално влегуваат во конфликт со постоечката реалност. Во таа точка започнува револуција на свеста. Луѓето почнуваат да го преиспитуваат она што не се преиспитува, она што изгледа како неоспорна вистина. Идеите кои се удобни бидејќи нудат сигурност се засенети од суровата реалност. За прв пат луѓето почнуваат да ги потресуваат удобните илузии и да и гледаат на реалноста во лице.
Вистинската причина за страв на владејачката класа е пропаста на политичкиот центар. Она што го гледаме во Британија, САД, Шпанија и многу други земји е заострување и засилување на поларизацијата помеѓу левицата и десницата во политиката, што всушност е само рефлексија на засилувањето на поларизацијата помеѓу класите. Тоа всушност е само рефлексија на најдлабоката криза на капитализмот во историјата.
Во последните сто години политичкиот систем во САД е основан на две партии – Демократската и Републиканската – и двете стојат за одржувањето на капитализмот и двете ги претставуваат интересите на банките и крупните бизниси. Ова беше многу добро изложено од Гор Видал кој напиша: „нашата Република има една партија, партијата на сопствениците, со две десни крила.“
Ова беше цврстата основа за стабилноста и долговечноста на она што Американците го познаваа како „демократија“. Во реалноста, оваа буржоаска демократија беше само смоквин лист за прикривање на реалноста за диктатурата на банкарите и капиталистите. Сега овој удобен систем е предизвикан и потресен до самиот корен. Милиони се будат поради расипаноста на политичкиот естаблишмент и фактот дека биле измамени од оние кои тврделе дека ги претставуваат нив. Ова предуслов за општествената револуција.

Криза на реформизмот

Слична ситуација можеме да забележиме во Британија, каде што за сто години, лабуристите и конзервативците се менуваа на власт, обезбедувајќи еден ист вид на стабилност за владејачката класа. Лабуристичката партија и Конзервативната партија беа водени од цврсти, угледни мажи и жени, на кои можеше да се повери управувањето со општеството во интерес на банкарите и капиталистите од Лондон. Но, изборот на Џереми Корбин го наруши воспоставениот терк.
Владејачката класа се плаши дека масовниот прилив на нови членови во Лабуристичката партија може да ја ослободи партијата од влијанието на десното крило. Тоа ја објаснува паниката на владејачката класа и зајадливоста на кампањата против Корбин.
Кризата на капитализмот е, исто така, криза на реформизмот. Стратезите на капиталот наликуваат на Бурбонците, но реформистичките лидери се само лоша имитација на првите. Тие се најслепи меѓу слепите. Реформистите, од двете варијанти, и десните и левите, немаат никакво разбирање за реалната состојба. Иако самите си вообразуваат дека се големи реалисти, тие се всушност утописти од најлош вид.
Тие, како и либералите, на коишто се само бледа рефлексија, копнеат по неповратно исчезнатото минато. Реформистите огорчено се жалат за неправедноста на капитализмот, несфаќајќи дека политиките на буржоазијата се диктирани од економските потреби на самиот капитализам.
Тоа е врвна иронија на историјата, реформистите, целосно ја прифаќаат пазарната економија токму во време кога таа очигледно почнува да се распаѓа. Тие го прифатија капитализмот како нешто дадено за навек, коешто не може да се постави под знак прашање и кое секако не може да се сруши. Наводниот реализам на реформистите е ист како реализмот на човекот којшто се обидува да го убеди тигарот да јаде салата, наместо човечко месо. Природно, реалистот кој се обидел да го изврши овој пофален подвиг, не успеал во убедувањето на тигарот и завршил во неговиот стомак.
Никаде банкротот на реформизмот не е појасно изразен од фактот што тие веќе не зборуваат за социјализам. Не зборуваат ниту пак за капитализмот. Наместо тоа, тие кукаат на злата на „неолиберализмот“, со тоа што, тие не се противат на капитализмот по себе, туку само на одреден модел на капитализам. Но, таканаречениот неолиберализам е само еуфемизам за капитализам во кризен период.
Реформистите кои си замислуваат дека се големи реалисти, сонуваат за враќање на условите од минатото, кога веќе тоа минато исчезнало во историјата. Периодот што сега се отвора ќе биде целосно различен. Во децениите што следеа по 1945 година, класната борба во развиените капиталистички земји беше, до некоја мера, ослабена, како резултат на реформите стекнати од страна на работничката класа преку борба.
Троцки одамна објасни дека предавството е имплицитно во реформизмот, во сите негови видови. Со ова, тој не мисли дека реформистите свесно ја предаваат работничката класа. Постојат многу чесни реформисти, исто како и поприличен број на корумпирани кариеристи. Но, патот до пеколот е поплочен со добри намери. Доколку го прифатиш капиталистичкиот систем – како сите реформисти, било да се десни или леви – тогаш ти ќе мораш да ги почитуваш законите на капиталистичкиот систем. Во време на капиталистичка криза, тоа значи неизбежност од кратења и напади на животниот стандард.
Оваа лекција мораше да ја научат Ципрас и Варуфакис во Грција. Тие дојдоа на власт со огромна народна поддршка за програмите против мерките за штедење, но многу бргу беа натерани, од Меркел и Шојбле, да сфатат дека ова не е на агенда. На крајот капитулираа и покорно ја спроведоа програмата за штедење, диктирана од Берлин и Брисел. Слична ситуација видовме во Франција, каде Оланд освои голема победа ветувајќи програма против штедењето, за подоцна да направи пресврт од 180 степени и да спроведе уште поголеми кратења во однос на претходната десничарска влада. Неизбежен резултат беше подемот на Марин Ле Пен и Националниот фронт.

Капитализмот во слепа улица

Во државите како што е САД, секоја генерација по Втората светска војна можеше да се надева на животен стандард подобар од оној што го уживале нивните родители. Во децениите на економско цветење работниците се навикнаа на релативно лесни победи. Синдикалните лидери не мораа многу да се борат за да добијат покачување на платите. Реформите беа сметани за норма. Денес беше подобро од вчера, а утре ќе биде подобро од денес.
Во долгиот период на капиталистички подем, класната свест на работниците донекаде беше ослабена. Наместо недвосмислени класни социјалистички политики, работничкото движење беше заразено со туѓи идеи преку појасот на ситната буржоазија, којашто ги истурка работниците на една страна и го задуши нивниот глас со продорните декламации на радикализмот на средната класа.
Таканаречената политичка коректност, со својата кармакаша од полуоформени идеи извадени од кантата за ѓубре на буржоаскиот либерализам, постепено се прифати дури и во синдикатите, каде што десничарските реформистички лидери желно ја прифатија како замена за класните политики и социјалистичките идеи. Левите реформисти одиграа особено погубна улога во овој поглед. Ќе бидат потребни повеќекратни тешки удари за да се уништат овие предрасуди кои што имаат корозивен учинок врз свеста.
Но, кризата на капитализмот не дозволува таков луксуз. Денешната генерација на млади луѓе за прв пат ќе се соочи со животни услови полоши отколку оние на нивните родители. Постепено, оваа нова реалност се наметнува врз свеста на масите. Тоа е причината за актуелниот вриеж од незадоволство што постои во сите земји и се здобива со експлозивен карактер. Ова е објаснувањето за политичките земјотреси кои се случија во Британија, Шпанија, Грција, Италија, САД и многу други држави. Тоа е предупредување дека се подготвуваат револуционерни придвижувања.
Вистина е дека, во оваа фаза, движењето го карактеризира голема конфузија. Како и би можело да биде поинаку, кога тие организации и партии кои би требало да се постават на чело на движењето за трансформација на општеството, наместо тоа, се претворија во страшна препрека на патот на работничката класа? Масите бараат начин за излез од кризата, ставајќи ги на тест политичките партии, лидерите и програмите. Постојат силни промени на изборниот фронт, и на лево и на десно. Сево ова е предвесник на револуционерни промени.
Ретроспективно, периодот од половина век по Втората светска војна ќе биде гледан како историски исклучок. Необичниот сплет на околности што ја создаде оваа состојба најверојатно никогаш нема да се повтори. Поточно, она со што се соочуваме денес е враќање во нормален капитализам. Насмеаното лице на либерализмот, реформизмот и демократијата ќе биде тргнато настрана за да ја открие грдата физиономија на капитализмот, каква што и навистина е.

Кон нов Октомври!

Пред нас се отвора нов период – период на бура и стрес, што ќе биде многу посличен на 1930тите, наместо на периодот по 1945 година. Сите илузии на минатото ќе бидат согорени од свеста на масите со вжештено железо. Во период каков што е овој, работничката класа ќе мора жестоко да се бори за да ги одбрани придобивките од минатото, и за време на тешката борба ќе ја увиди потребата за сеопфатна револуционерна програма. Или капитализмот ќе се сруши, или човештвото го очекува страшна судбина. Тоа е единствената алтернатива. Каков било друг развој на настаните е лага и измама. Време е да и се погледне на вистината в лице.
Врз основите на болниот капитализам не може да постои напредок за работничката класа и младината. Либералите и реформистите со сета сила настојуваат да го поткрепат. Тие цмиздрат за заканата кон демократијата, криејќи го фактот дека таканаречената буржоаска демократија е само смоквин лист што ја крие суровата стварност на диктатура на банките и крупниот бизнис. Ќе се обидат да ја намамат работничката класа во сојузништво за „одбрана на демократијата“, но ова е една лицемерна фарса. Единствената сила која има реален интерес за демократија е самата работничка класа. Таканаречената либерална буржоазија е неспособна за борба со реакцијата, која извира директно од капиталистичкиот систем врз чии основи се заснова нивното богатство и привилегиите. Обама беше оној кој ја овозможи победата на Трамп, исто како што Оланд го овозможи издигањето на Ле Пен.
Во стварност, стариот систем веќе се урива пред наши очи. Симптомите на неговото гниење се очигледни за сите. Насекаде гледаме економски кризи, социјални крахови, безредие, војни, уништување и хаос. Ова е страшна слика, што следи од фактот дека капитализмот го поведе човештвото во слепа улица.
Не е прв пат да гледаме такви нешта. Истите симптоми може да се видат во периодот на опаѓање и пропаста на Римското царство и во периодот на опаѓање на феудалното општество. Не случајно мажите и жените во тие денови замислувале дека се наближува крајот на светот. Но она што се приближувало не било крајот на светот, туку само крајот на одреден социоекономски систем, што го има истрошено својот потенцијал и станал страшна пречка на патот на човечкиот напредок.
Ленин еднаш има кажано дека капитализмот е ужас без крај. Сега можеме да ја увидиме буквалната вистинитост на оваа претпоставка. Но, покрај ужасите продуцирани од декадентен и реакционерен систем има уште еден аспект на состојбата. Нашата епоха е време на раѓање и период на транзиција од еден историски период во друг. Таквите периоди секогаш се карактеризираат со болки, тоа се болките на новото општество што се бори да се роди, додека старото општество се бори да се зачува себеси задушувајќи го детето во утробата.
Стариот свет стоејќи умира. Дека се клати до својот пад се укажува од несомнени симптоми. Гниењето се шири во воспоставениот ред на нештата и институциите се рушат. Бранителите на стариот поредок се обземени од недефинирано лошо претчувство на нешто непознато. Сите овие нешта наговестуваат дека нешто друго се приближува.
Ова постепено распаѓање на парчиња ќе се забрза од ерупцијата на работничката класа на историската сцена. Оние скептици коишто ја отпишаа работничката класа ќе бидат приморани да ги проголтаат сопствените зборови. Вулкански сили зовриваат под површината на општеството. Противречностите се зголемуваат до тој степен кадешто стануваат веќе неиздржливи.
Наша задача е да се скрати овој процес и да се осигураме дека раѓањето ќе помине со што е можно помалку страдање. За да се постигне ова, неопходно е да се изврши соборувањето на постојниот систем, којшто стана голема пречка за развојот на човечкиот род и закана за неговата иднина.
Сите оние коишто се обидуваат да го сочуваат стариот поредок, да го прикрпат, да го реформираат, да му обезбедат патерици со кои ќе може да се клати уште неколку години или декади повеќе, играат најреакционерна улога. Тие го оневозможуваат раѓањето на новото општество, коешто единствено може да понуди иднина на чевештвото и да стави крај на постоечкиот кошмар од капитализам.
Новиот Свет кој се бори да биде роден се вика социјализам. Наша задача е да го овозможиме ова раќање што е можно поскоро и со што е можно помалку болка и страдање. Начинот да се постигне оваа цел е да се изгради силна, светска, марксистичка тенденција со образовани кадри и цврсти врски со работничката класа.
Пред сто години се случи настан што го измени текот на светската историја. Во назадна полуфеудална земја на работ од Европа, работничката класа се придвижи за да го промени општеството. Ова никој не го очекуваш, напротив. Објективните услови за социјалистичка револуција во Русија изгледаа непостоечки.
Европа беше заробена во канџите на страшна војна. Работниците од Британија, Франција, Германија и Русија меѓусебно се убиваа во името на империјализмот. Во таков контекст слоганот „работници од целиот свет, обединете се“ мора да делувал како израз на горчлив сарказам. Самата Русија била управувана од моќен автократски режим, со огромна армија и полициска сила и тајна полиција чиишто краци допираа до секоја политичка партија – вклучувајќи ги и болшевиците.
Па сепак, во оваа навидум невозможна ситуација, работниците од Русија тргнаа да ја земат власта во свои раце. Го соборија царот и воспоставија демократски органи на власт, Советите. Само девет месеци подоцна, Болшевичката партија, којашто на почетокот од револуцијата беше мала сила, со не повеќе од 8000 члена, дојде на власт.
Сто години подоцна марксистите се соочуваат со истата задача како Леинин и Троцки во 1917 г. Нашите сили се мали и нашите ресурси се скромни, но ние се вооружуваме со најмоќното оружје: оружјето на идеите. Маркс кажал дека идеите стануваат материјална сила кога ќе го зафатат умот на масите. Долго време се боревме против моќна струја. Но текот на историјата сега тече силно во наша насока.
Идеите што денес се слушаат од еден или двајца, желно ќе бидат восприемани од милиони во периодот коишто започнува сега. Големи настани може да се случат со екстремна брзина, трансформирајќи ја целата состојба. Свеста на работничката класа може да се промени во рок од неколку дена или часа. Нашата задача е да ги подготвиме кадрите за големите случувања што претстојат. Нашето знаме е знамето на Октомври. Нашите идеи се идеите на Ленин и Троцки. Тоа е најдобрата гаранција за нашиот успех.

превод на 2016: The Death of Liberalism
автор Алан Вудс, 5 јануари 2017