Македонија

Студентско движење во изградба

Студентите се сила!Редакцијата на Нова искра изразува силна поддршка на студентските протести закажани за утре (повеќе на следниот линк). Вакви манифестации на студентската волја може да значат само поттик за понатамошниот развој на студентското движење, без разлика дали станува збор за успешни или неуспешни акции. Всушност, секогаш се поставува прашањето што е успех дали исполнувањето на поставените барања, или создавањето на студентска самосвест?

Досегашната практика покажува дека во случајот на иницијативата „Слободен индекс“ ги има и двете. Прво, студентската авангарда покажува свест и иницијатива, со што се гради духот потребен за здраво студентско движење (прочитај го интервјуто со Андреј Анчевски). Второ, праксата покажува дека понекогаш и со малку ресурси и со малку луѓе, доколку се делува во вистински момент и со свест за тоа што се прави, може да се остварат некои цели (види го случајот Велешки студенти).

Во продолжение би сакале да им сугерираме на организаторите неколку принципи врз кои би морала да се базира нивната активност доколку сакаат таа да резултира со силно студентско движење. Дел од препоракиве веќе беа објавени (на следниов линк).

1. Студентското движење треба да има цел. Каква ќе биде таа, ќе дефинираат самите студенти ниту ние можеме да им предложиме, ниту, пак, студентската авангарда смее да им наметнува на студентите цели кои тие не ги чувствуваат како свои. Таа цел, сепак, мора да биде малку поширока од голиот интерес на студентската популација, зашто студентите имаат свое место и улога во општеството. Тие можат и мораат исполнувањето на своите цели да го поставуваат во контекст на пошироки општествени промени, меѓу другото и затоа што тие се оние кои ќе бидат идни носители на општествениот живот.

2. Иницијативите за акциите не треба да доаѓаат одозгора, односно од некакава апстрактна замислена цел, туку одоздола, од нивните вистински потреби и проблеми. За таа цел, студентската авангарда мора да развие тесни врски со студентите, да е срасната со нив, за нејзиното делување да не заврши во догматско теоретизирање за цели кои немаат врска со реалните потреби на студентите. Затоа студентската авангарда има задача да се запознае со сите аспекти на студентскиот живот, почнувајќи од деловите каде што студентите ја доживуваат најголемата беда и најголемите понижувања. При тоа секако мора да се тргне од основните приоритети неопходни за секој живот: храната, станот, облеката, превозот, здравствената заштита, како и оние прашања кои се поврзани со самиот образовен процес. Но борбата не смее да заврши тука.

3. Студентската авангарда мора да биде чувствителна за искрите на бунт кај студентските маси. На секоја информација за незадоволство, таа мора да реагира навремено, да даде поддршка во секоја смисла, а ако се укаже за потребно да ја организира и да ја води борбата за правата на студентите.
Само така таа ќе биде вистинска студенска авангарда и само така е можно да инспирира и да организира масовно студентско движење.

4. Студентската авангарда мора да биде информирана со можностите и начините за решавање на проблемите на студентите. Исто така, во борбата ќе се покаже како клучно, и тоа, студентското движење да може да ги препознае своите вистински пријатели и непријатели.

5. Студентската авангарда за постигнување на своите цели мора да се потпре само на студентите. Слободата е вистинска слобода само ако битието што се ослободува тоа го прави самото и за таа слобода не му е должно на никого надвор од него.

6. Задача на студентската авангарда е бескомпромисно да ги разобличува и да ги заострува односите со силите кои од разни причини дејствуваат на штета на студентите, со што постојано ќе ја подигнува студентската самосвест и верба во сопствените потенцијали.

автор на анализата: Ивица Антески