БалканВестиЕвропаМакедонијаОпшто

Втор редовен Конгрес на Марксистичката организација „Црвени“

Марксистичката организација „Црвени“ го одржа својот Втор редовен Конгрес на 13 и 14 март 2021 г. Поради пандемијата со ковид-19, Конгресот годинава се одржа преку интернет. На настанот присуствуваа 26 делегати од Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, а за прв пат и делегати од Хрватска и Словенија. Претставниците на нашата меѓународна организација, Интернационалната марксистичка тенденција, исто така учествуваа во работата на Конгресот, а добивме поздрави и писма за поддршка од многу сестрински секции од Интернационалата, како што се Шведска, Австрија, Италија, Аргентина, Бразил, САД и Канада.

Продолжувајќи со традицијата на посветен пристап кон марксистичката теорија и организација, Конгресот наместо празнична атмосфера и формалност се фокусираше на целодневни, исцрпни политички дискусии за перспективите за револуционерна трансформација во светот, класната борба на Балканот, како и организациското зајакнување и раст на нашата организација. Документот „Перспективи за југословенската револуција, со посебен осврт на Србија, Македонија и Босна и Херцеговина“ беше едногласно усвоен, а водечките органи доставија организациски и финансиски извештаи до Конгресот.

Конгресот, исто така, одлучи да го оддалечи Филип Шаќировиќ, еден од најистакнатите членови на МО „Црвени“ во изминатите години, од понатамошната работа на организацијата, поради кршење на процедурите на демократски централизам, нарушувачко однесување и вовлекување на организацијата во неконструктивни дискусии. Во знак на протест против оваа мерка, шест другарки и другари доброволно ја напуштија организацијата. Убедени сме дека, ако тие ја продолжат политичката борба, еден ден повторно ќе се сретнеме и ќе соработуваме на истата страна на барикадите.

Конгресот го завршивме решени во наредниот период да продолжиме уште попосветено и со зацврстена структура, да го градиме јадрото на идната масовна работничка партија со револуционерна програма на територијата на поранешна Југославија. МО „Црвени“ ќе продолжат да избегнуваат пократки патишта во политичката работа и својот раст ќе го засноваат на привлекување на најпрогресивните слоеви на работници и млади и нивно трпеливо образование.

Напред кон укинувањето на капитализмот и создавање на нова работничка република Југославија и Балканска социјалистичка федерација!