Пресвртен момент за студентското движење (втор дел)

Редакцијата на Нова искра го изразува своето задоволство што студентската авангарда ги прифати како свои нашите препораки од вчерашната анализа. Поради фактот што мораше тие препораки да бидат упатени што е можно побргу, анализата не беше целосна. Во овој текст, ќе се обидеме да го дополниме она што вчера не успеавме да го кажеме.

Како и тогаш, и сега, не очекуваме студентите ова да го проголтаат како апче што ќе ги спаси, туку да го разгледаат само како една од алтернативите кои им стојат на располагање, затоа што одговорноста паѓа на самите нив. И покрај ова, ние силно веруваме дека ова е вистинската насока во која би требало да се развиваат настаните и патот по кој студентите ќе излезат од ќорсокакот во кој ги доведе притисокот на буржоаските партиски елити. повеќе

Проблематични барања

Какви беа барањата на студентите? Ако го тргнеме настрана делот со студентскитот стандард, многу проблематичен е делот во кој се бара законско регулирање на студентското организирање. Каков и да е законот што евентуално би се донел, дури и кога би го пишувале самите студенти од Слободен индекс, тој нема да реши ништо. Најконструктивно им сугерираме на студентите од Слободен индекс да не се оптоваруваат премногу со легалистички решенија затоа што на тој начин само се вплеткуваат во мрежите на бирокатијата. Законите постојат за да ги заштитат правата на моќните и во пракса најчесто најголемите грабливци ги користат за да им наштетат на другите. Значи, наместо да се бара закон (законите по дефиниција ограничуваат нешто, одземаат некоја слобода), треба да се работи на терен за да не мора да постои закон.

Студентското организирање не смее да се регулира со закон – тоа треба да се остави на слободата на студентите. Она на што треба да се работи е да им се остави на студентите простор и услови да ги артикулираат своите идеи и ставови. Затоа, наместо закон, студентите од Слободен индекс би требало да бараат отворање на студентски културен центар во кој студентите ќе може да организираат дебати, трибини, активности на кои ќе се среќаваат и на кој ќе ги разменуваатр идеите; да биде место за ферментирање на независното студентско движење. Треба да бараат поголемо отворање на факултетите за студентската иницијатива, за отворање солидарни студентски фондови кои ќе ги поддржуваат студентските иницијативи и слично.

Ниту јавноста, ниту медимите, а најмалку самите студенти по вчерашните протести се занимаваат со декларираните барања на протестот. Сликите на она што се случуваше вчера ги потврдија нашите предвидувања во анализата „Студентско движење во изградба“ каде што посочивме дека е најмалку важно дали протестите ќе успеат да ги реализираат барањата, дека е поважно да се изгради здраво студентско движење.

Истото ќе се случеше без оглед на тоа како да беа дефинирани тие барања, и без оглед на тоа колку ќе инсистираа на нив самите организатори на протестот. Тоа, пак, повторно не враќа на еден од принципите кои и ги сугериравме на студентската авангарда – дека целите на студетнтското движење не смеа да им се наметнуват одозгора, туку тие да произлегуваат од самите студенти и од нивните вистински потреби. А во моментов не треба да се биде посебно прониклив за да се дефинира најголемиот од сите проблеми на студентите, проблем поради кој студентите не можат дури ни да дојдат до тоа да размислат за барањата ССУКМ/СПУКМ.

Смрт за СПУКМ! Слобода за студентите!

Студентскиот парламент (СПУКМ) е организација која лажно зборува во име на студентите и наместо да го организира и инспирира студентското движење, врши функција на амортизер, го смекнува незадоволството. Тоа е организација која стои меѓу студентите и нивните права. Тоа е организација отуѓена од својата база, конзервативна (без оглед на тоа кој е нејзин претседател и од која партија доаѓа), назадна, бирократизирана, паразитска и треба да се работи на нејзино што побрзо упропастување и распаѓање. Колку побргу се случи нејзиниот конечен распад, толку побргу студентите ќе може навистина да направат исчекор кон здраво организирање. Никакви реформи нема да можат да помогнат таа да се поправи – освен реформа која ќе значи нејзино – укинување!

Реалноста докажува дека станува збор за модел на организација која не функционира и доколку сакаме да бидеме темелни во решавањето на проблемите, распадот на ССУКМ е единственотот можно здравно решение.

Тоа треба да биде првото барање на студентската иницијатива. Студентската авангарда треба сите сили да ги насочи кон тоа оваа организација да ја снема, практично и законски. Авангардата мора да го разобличи Сојузот/Парламентот како непријател на студентите и соодветно на тоа, да се бори против него, да работи на негово исчезнување.

Зошто? Прво, исчезнувањето на СПУКМ ќе отвори простор за слободната студентска иницијатива, за изворното небирократизирано студентско организирање. Со смртта на СПУКМ нема повеќе да постои една организација која го држи монополот на бобрата за студентските права, монополот да зборува во име на студентите пред јавноста, пред институциите, пред универзитетот. СПУКМ сега тврди дека го црпи својот легитимитет од студентите, зборува во нивно име, врши активности во нивно име, ја застапува нивната моќ, се бори за нивното право, со што студетнтите ги прави нелегитимни, безгласни, неактивни, немоќни, обесправени. Исчезнувањето на оваа организација ќе значи ослободување на студентите, ќе ги направи легитимни, гласни, активни, моќни, ќе им ги врати правата.

Второ, исчезнувањето на СПУКМ ќе значи децентрализација и демократизација. Сега таа е организација која е симбол на лицемерие. На нејзино чело секогаш седи партиски човек кој се претставува како борец за правата на сите студенти. Штом еднаш се расчисти со СПУКМ, ќе се расчисти и со ова лицемерие. Студентската авангарда знае дека голем дел од студентската популација е партиски определена и треба на секој начин да се бори против стигнатизацијата на оние кои се партиски членови. На тој начин студентите и на целото општество ќе му покажат дека партиската определеност не е зло и таа може да биде конструктивен елемент. Со распадот на СПУКМ овие партиски определени студенти ќе може да формираат студентски организации во кои слободно ќе ја изразат својата партиска припадност, што е далеку поискрен пристап отколку лицемерното криење зад СПУКМ (на пример Студенски сојуз на ВМРО-ДПМНЕ, Студенски сојуз на СДСМ). Тоа ќе значи унапредување и на демократската култура на студентската популација, но и напредок во демократијата и идеолошката наобразба внатре во самите политички партии.

Борбата за автономија

Најлошо сценарио е доколку ваквиот модел е неприфатлив за политичките подмладоци на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ќе значи дека тие не сакаат да им дозволат на независните сили во студентската популација да се развиваат независно од партиските интереси, дека не сакаат да ги тргнат рацете од студентите. Во таков случај, студентската авангарда треба веднаш да ги прогласи подмладоците на партиите за непријатели на студентската популација и да повика на безкомпромисна борба со нив.

Во овој случај борбата е неизвесна, имајќи ги предвид моќните структури кои стојат зад подмладоците. Сепак, таа борба не е без изгледи. Авангардата на своја страна треба да ги придобие сите независни сили меѓу студентите, но, од реалноста ќе се увуди дека може да смета и на дел од партиски определените членови. Ова доаѓа од фактот дека многу од студентите зеле партиски книшки како единствен начин да си ги заштитат своите права. Кога во едно автономно студентско движење тие ќе видат можност да го сторат истото, но без партиска стигма и притисоци, тие ќе прејдат на страната на која и природно припаѓаат – кон студентското движење.

Борбата против влијанието на партиските структури на универзитетите не смее да се ограничи само на студентското организирање. Доколку сака да биде успешна, студентската авангарда мора барањата да ги прошири и на мешањето на партиската политика во работата на универзитетите. Со тоа на сцена го враќа барањето за автономија на универзитетите. Кога тоа е веќе во прашање, студентската авангарда мора да склучи сојуз со најпрогресивниот дел од професорите кои и самите се во бедна и уценета положба токму поради партиските притисоци. Тоа веројатно ќе значи истакнување барања за автономија зад кои ќе застане и дел од професорскиот кадар со што студентското движење ќе добие на моќ да влијае и на побитни општествени промени.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *