Трите извори и трите составни делови на марксизмот

автор: Владимир Илич Ленин

Учењето на Маркс  предизвикува кон себе во целиот свет најголемо непријателство и омраза на целата буржоаска (и на официјалната и на либералната) наука, која во марксизмот гледа некој вид на „штетна секта“. Поинаков став не може ниту да се очекува, зашто „непристрасна“ наука не може да постои во општество изградено врз база на класна борба. Целата официјална либерална наука го брани, на овој или оној начин, наемното ропство, додека марксизмот му објави немилосрдна војна на тоа ропство. Да се очекува непристрасна наука во општество на наемно ропство е иста таква глупава наивност, како и да се очекува непристрасност на фабрикантот по прашањето за тоа дали треба на работниците да им се зголемат платите притоа намалувајќи го профитот на капиталот.

Но тоа не е сè. Историјата на филозофијата и историјата на социјалната наука покажуваат потполно јасно дека во марксизмот нема ништо што наликува на „секташтво“ во смисла на некое затворено, скаменето учење, кое настанало настрана од главниот пат на развојот на светската цивилизација. Напротив, целата генијалност на Маркс се состои токму во тоа што тој даде одговори на прашањата веќе поставени од напредната мисла на човештвото. Неговото учење настана како непрекинато и непосредно продолжение на најголемите претставници на филозофијата, политичката економија и социјализмот.

Учењето на Маркс е омнипотентно, зашто е вистинито. Тоа е потполно и складно, им дава на луѓето целосен поглед на светот, кој не може да се помири со никакво празноверие, со никаква реакција, со никаква одбрана на буржоаското угнетување. Тоа е законски наследник на најдоброто што го создало човештвото во 19 век во германската филозофија, англиската политичка економија и францускиот социјализам.

Токму на тие три извори на марксизмот, истовремено и негови составни делови, ние ќе се задржиме накусо.

 

I

Филозофијата на марксизмот е материјализмот. Во текот на целата понова историја на Европа, а посебно во 18 век во Франција, каде што се разгори решителна битка против секој вид на средновековно ѓубре, против феудализмот во институциите и во идеите, материјализмот се покажа како единствена достојна филозофија, верна на сите учења на природните науки, непријателска на празноверието итн. Поради тоа непријателите на демократијата со сите сили се трудеа да го „побијат“, да го поткопаат, да го наклеветат материјализмот и ги бранеа различните облици на филозофскиот идеализам, кој секогаш се сведува, на овој или оној начин, на одбрана и поддршка на религијата.

Маркс и Енгелс најодлучно го бранеа филозофскиот материјализам и многу пати ја објаснуваа длабоката погрешност на секое скршнување од таа основа. Нивните погледи најјасно и најподробно се образложени во делата на Енгелс: „Лудвиг Фоербах“ и „Анти-Диринг“, кои  – слично на „Комунистичкиот манифест“ – се прирачник на секој свесен работник.

Но Маркс не застана на материјализмот на 18 век, туку филозофијата ја разви понатаму. Тој ја збогати со придобивките на германската класична филозофија, особено со системот на Хегел, кој од своја страна доведе до материјализмот на Фоербах. Главна од тие придобивки е дијалектиката, односно, учење
то за развојот во неговиот најпотполн, најдлабок и најслободниот облик од едностраности, учење за релативноста на човечкото знаење кое ни дава одраз на материјата која вечно се развива. Најновите откритија на природните науки – радиумот, електроните, трансмутацијата на елементите – беа прекрасна потврда на дијалектичкиот материјализам на Маркс, наспрема учењата на буржоаските филозофи со нивните „нови“ враќања на стариот и гнил идеализам.

Продлабочувајќи го и развивајќи го филозофскиот материјализам, Маркс го доведе до крај, го прошири неговото спознание на за природата на спознание за човечкото општество. Најголема придобивка на научната мисла беше – историскиот материјализам на Маркс. Хаосот и произволноста, кои се дотогаш владееја во погледите на историјата и на политиката, беа заменети со поразително целовита и хармонична научна теорија, која покажува како од еден систем на општествен живот, како последица на порастот на производните сили, се развива друг, повисок – како на пример, од феудализмот произлегува капитализмот.

Токму како што познанието на човекот ја одразува природа, која е независна од него, односно, материјата која се развива, така и општественото познание на човекот (т.е.  разни филозофски, религиозни, политички и слично, погледи и учења) ја одразува економската структура на општеството. Политичките институции се надградба на економската основа.  Ние гледаме, на пример, како различните политички облици на европските држави служат за засилување на власта на буржоазијата над пролетаријатот.

Филозофијата на Маркс е завршен филозофски материјализам, кој му даде на човештвото, а посебно на работничката класа, големо орудие на познанието.

 

II

Утврдувајќи дека економската структура е основа на која се издигнува политичката надградба, Маркс најмногу внимание му посвети на проучувањето на таа економска структура. Главното дело на Маркс – „Капиталот“ – е посветено на проучувањето на економската структура на современото, односно, капиталистичкото општество.

Класичната политичка економија пред Маркс се формираше во Англија – најразвиената капиталистичка земја. Адам Смит и Давид Рикардо, испитувајќи ја економската структура, создадоа почетоци на трудовата теорија на вредноста. Маркс ја продолжи нивната работа. Тој строго ја образложи и доследно ја разви таа теорија. Тој покажа дека вредноста на секоја стока се определува со количеството на општествено потребното работно време употребено за производство на стоката.

Таму каде што буржоаските економисти гледаа однос меѓу ствари (размена на стока за стока), таму Маркс откри однос меѓу луѓе. Размената на стоките ја изразува врската меѓу одделни  производители со посредство на пазарот. Парите значат дека таа врска станува се потесна, нераздвојно поврзувајќи го целиот стопански живот на одделни производители во една целина. Капиталот значи понатамошен развој на таа врска; работната сила на човекот станува стока. Наемниот работник ја продава својата работна сила на сопственикот на земјата, на фабриките, на орудијата за работа. Еден дел од работниот ден работникот го употребува за тоа да ги покрие трошоците за своето и за издржувањето на своето семејство (надница), а другиот дел од денот тој работи бесплатно, создавајќи го вишокот на вредност за капиталистот, изворот на профит, изворот на богатство на капиталистичката класа.

Учењата за вишокот на вредноста е аголен камен на економската теорија на Маркс.

Капиталот создаден со трудот на работникот, со угнетување на работникот, ги упропастува ситните сопственици и создава армија на невработени. Во индустријата победата на крупното производство е воочливо на прв поглед, но и во земјоделството ја гледаме истата појава: надмоќта на крупното капиталистичко земјоделство се зголемува, примената на машините расте, селското стопанство влегува во замката на паричниот капитал, слабее и пропаѓа под јаремот на заостаната техника. Во земјоделството облиците на пропаѓањето на ситното производство се различни, но самото пропаѓање е неспорен факт.

Капиталот го уништува ситното производство и тоа ја зголемува производноста на трудот и создава монополска положба на здруженијата на најкрупните капиталисти. Самото производство станува сè повеќе општествено – стотици илјади  и милиони работници се поврзуваат во плански стопански организам – а производот на заедничкиот труд го присвојува еден грст капиталисти. Расте анархијата на производството, кризата, дивата трка по пазари, несигурниот опстанок за масата население.

Зголемувајќи ја зависноста на работниците од капиталот, капиталистичкиот поредок создава голема сила на обединет труд.

Маркс го истражи развојот на капитализмот од првите почетоци на стоковното стопанство, од простата размена, до неговите највисоки облици, до крупното производство.

И искуството во сите капиталистички земји, како на старите, така и на новите, од година во година, очигледно им ја покажува на сè поголем и поголем број на работници правилноста на таквото учење на Маркс.

Капитализмот победи во целиот свет, но таа победа е само предворје на победата на трудот над капитализмот.

 

III

Кога беше срушен феудализмот и на свет дојде „слободното“ капиталистичко општество – веднаш се виде дека таа слобода значи нов систем на угнетување и експлоатација на трудбениците. Веднаш почнаа да никнуваат различни социјалистички учења, како одраз на тоа угнетување и како протест против него. Но првобитниот социјализам беше утописки социјализам. Тој го критикуваше капиталистичкото општество, го осудуваше, го проколнуваше, сонуваше за негово уништување, фантазираше за подобар поредок, го убедуваше богатите за неморалноста на експлоатацијата.

Но утопискиот социјализам не можеше да го покаже вистинскиот излез. Тој не можеше да ја објасни суштината на наемното ропство под капитализмот, ниту да ги открие законитостите на неговиот развој, а ниту онаа општествена сила која е способна да биде творец на новото општество.

Меѓутоа, бурните револуции, кои го следеа падот на феудализмот секаде во Европа и особено во Франција, се поочигледно ја откриваа борба меѓу класите како основа на целиот развој и негова движечка сила.

Ниедна победа на политичка слобода над феудалната класа не беше извојувана без очаен отпор. Ниедна капиталистичка земја не се формираше на повеќе или помалку слободна, демократска основа без борба на живот и смрт помеѓу различните класи во капиталистичкото општество.

Генијалноста на Маркс се состои во тоа што знаеше оттука, пред сите други, да изведе и доследно да го спроведе оној заклучок на кој нè учи светската историја. Тој заклучок е учењето за класната борба.

Луѓето отсекогаш беа и засекогаш ќе бидат глупави жртви на измама и самоизмама во политиката, додека не научат во секоја морална, религиозна, политичка, социјална фраза, изјава, ветување да бараат интереси на овие или оние класи. Поддржувачите на реформата и подобрувањето секогаш ќе бидат насамарувани од заштитниците на старото, додека не сфатат дека секоја стара институција, колку и да изгледа апсурдна и гнила, се одржува со силите на овие или оние владејачки сили.  А постои само едно средство со кое може да се скрши отпорот на тие класи: во самото општество кое нè опкружува да најдеме, да просветиме и да организираме за борба такви сили, кои можат – и по својата општествена положба мораат – да бидат сила која е способна да го збрише старото и да создаде ново.

Само филозофскиот материјализам на Маркс му го покажа на пролетаријатот излезот од духовното ропство, во кое досега се препелкаа сите угнетени класи. Само економската теорија на Маркс ја објасни вистинската положба на пролетаријатот во општиот систем на капитализмот.

Во целиот свет, од Америка до Јапонија, и од Шведска до Јужна Африка, се множат самостојните организации на пролетаријатот. Тој се просветува и се воспитува со водењето на борбата, се оттргнува од предрасудите на буржоаското општество, се собира се потесно и учи да ја мери величината на своите успеси, ги прекалува своите сили и незадржливо расте.

(печатено во списанието „Просвештение“ број 3, март 1913 година)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *